Од Македонска навигација велат дека примените кандидати – двајца инженери и еден техничар понатака ќе бидат на „он џоб“ тренинг за АТСЕП, согласно програмата за обука која ќе трае една година
Македонска навигација (М-НАВ) во демант испратен до медиумите, потенцира дека ги смета за тенденциозни и без основа негодувањата на инженерите и инструкторите од компанијата откако вчера еден од тројцата директори на македонска навигација, Љубе Стаменковски и раководителите на одделот за информатички и надзорни технологии, на одделот за надзорни системи, на одделот за навигациски системи, на електро-енергетски системи и на одделението за воздухопловна техника Охрид, поднесоа оставки од раководните функции, незадоволни од изборот на кадри кои се вработени во секторот за техника.
„Согласно законот за работни односи и условите предвидени во систематизацијата се објавува оглас за инженери и техничари. Имено во систематизацијата на МНАВ за студент-инженер (приправник) пишува дека има диплома од електротехнички науки, 2 години работно искуство, лекарско уверение класа 4, познавање на англиски јазик (нивото на знаење не е наведено, што значи од А1-Б2). Интервју се спроведува доколку има двајца или повеќе кандидати кои ги исполнуваат условите за едно работно место. Во нашиот случај со инженери и техничари, имавме само по еден кандидат за сите 7 работни места. Важно е да се нагласи дека со договор овие услови се имплементирани во МНАВ пред 4 години, и за истото немаше негодување“,
стои во реакцијата на М-НАВ.
Оттаму додаваат дека примените кандидати – двајца инженери и еден техничар понатака ќе бидат на „он џоб“ тренинг за АТСЕП, согласно програмата за обука која ќе трае една година.
„Безбедноста во ниту еден случај не е загрозена, со оглед дека истите нема да бидт вклучени во оперативно делување пред стекнување на соодветно овластување од стручните инструктори. Доколку не се стекнат со горенаведеното овластување согласно систематизицијата, истото потенцирано и во самиот оглас за вработување, ќе добијат отказ од работа“,
се вели понатаму во демантот.
Во реакцијата до медиумите е наведено дека согласно извештајот од Комисијата за избор на пристигнати апликации со редовна документација предложени до Управен одбор се пет инженери и двајца техничари.
„Поради неуреден статус во Агенцијата за вработување, иако беа задоволени нашите критеруими, не беа процесирани за вработување тројца инженери и еден техничар. Примени на редовен работен однос на неопределено време се двајца инженери и еден техничар“,
наведува М-НАВ.
Македонската навигација потсетува дека лицата кои испратиле допис за оставки до УО се контрадикторни со самосебеси затоа што истите „се примени со редовен работен однос во М-НАВ со истите законски критериуми како и најновите од вчера. Новите инженери имаат дополнителна клаузула дека може да им се откаже работниот однос, додека кај постоечките инженери тоа не им го пишуваше во огласот“.