Министерот за култура и забележува на Груевска-Маџоска дека, како што вели, на сензационален начин ги објавила причните за нејзината оставка и со селективо прикажување на фактите. Тоа, според Љутков, директно го поткопува угледот на Советот за македонски јазик, неговите членови и сите останати институции кои, додава, сериозно и посветено работеле на одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот јазик
На неговата реакција, брзо одговори Груевска-Маџоска, со нова објава на Фејсбук, велејќи дека да ѝ бил потребен публицитет немало да молчи и оти немало потреба да ја користи оставката за такво нешто. Осврнувајќи се на наводите на министерот во кои споменува партиски и персонални пресметки, експретседателката вели дека не знае зошто би имало „политичко препукување“, кога таа, како што тврди, не е, не била и нема да биде член на ниту една партија
Објавата на поранешната претседателка на Советот за македонски јазик при Министерството за култура и туризам, Симона Груевска-Маџоска, во врска со причините за нејзината оставка од функцијата пред еден месец, отвори јавна преписпка на социјалните мрежи меѓу неа и ресорниот министер Зоран Љутков.

На наводите на Груевска-Маџоска што таа ги објави на Фејсбук, велејќи дека причините за оставката биле објективни, а не лични, како што навел вчера министерот на брифинг со новинарите и дека зад нив стоел игнорантскиот однос од Култура и Љутков во однос на работата на Советот и настани организирани од него, со објава, исто така, на Фејсбук, возврати министерот за култура и туризам, во која вели дека со длабоко разочарување го прочитал нејзиниот текст.
Љутков во објавата тврди дека кога ја примил оставката на Груевска-Маџоска се договориле дека ќе ја избегната јавната полемика за да го заштитат, како што вели, угледот на Советот за македонски јазик и да не го вовлекуваат прашањето за македонскиот јазик во непотребни политички препукувања.
„Јас лично се трудев да ја почитувам таа согласност и да ја заштитам Вашата (на Груевска-Маџоска) позиција. За жал, сега сум принуден јавно да реагирам“,
вели Љутков на почетокот на објавата.
Тој како невистинити ги отфрла тврдењата на експретседателката дека Владата и Министерството не издвоиле средства за одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, поради што таа, како што наведе во објавата, морала своеволно и пробоно да ги направи сите активности.
Според Љутков, за одбележувањето на јубилејот лани, Владата и Министерството за култура и туризам се ангажирале сериозно и системски, притоа набројувајќи ги сите институции кои биле вклучени во организацијата.
„Во рамките на ова тело интензивно се работеше на сеопфатна Програма која опфаќаше свечена академија во МАНУ под покровителство на Претседателката Гордана Силјановска-Давкова, културно-уметничка програма во Македонскиот народен театар под покровителство на премиерот Христијан Мицкоски, настани во училиштата и универзитетите, како и низа активности за иселениците и странските лекторати преку дипломатско-конзуларните претставништва и културно-информативните центри. Средствата беа обезбедени во рамки на одобрениот буџет за 2025 година, при што секоја институција придонесуваше со своја програма и ресурси. Не станува збор за ‘немање пари’, туку за координиран, институционален пристап кој ја надминува индивидуалната ангажираност. Непристојно е да ги девалвирате оние кои сериозно се вложија во одбележувањето на 80-годишнината од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик“,
вели Љутков во реакцијата.
Министерот тврди и дека наводите на експретседателката дека работела пробоно, односно без надомест за јубилејот, не ја отслукуваат реалноста, бидејќи, според него, Груевска-Маџоска за нејзината работа била соодветно платена на месечно ниво.
Во врска со изработката на Националната стратегија за македонскиот јазик, за што Груевска-Маџоск вели дека била игнорирана од министерот, кој не одговорил на нејзините дописи за средба, Љутков признава дека работната група била формирана во јануари годинава и дека процесот траел подолго од очекуваното, но додава дека причината за тоа не било занемарување, туку комплексноста на задачата и потребата од широка и темелна консултација со засегнатите страни.
„Забелешките за Националната стратегија за култура се доставуваат до Министерството за култура и туризам, а не директно до Собранието. Со доставувањето до Комисијата за култура во Собранието, постапката ви е формално погрешна. Не е точно дека немало комуникација. Координативното тело и работните групи беа токму местата каде се водеа сите суштински прашања поврзани со македонскиот јазик. Барање за лична средба не е официјално доставено до мене, иако јас секогаш бев достапен и покрај бројните паралелни обврски“,
вели Љутков.
Министерот за култура и забележува на Груевска-Маџоска дека, како што вели, на сензационален начин ги објавила причните за нејзината оставка и со селективо прикажување на фактите. Тоа, според Љутков, директно го поткопува угледот на Советот за македонски јазик, неговите членови и сите останати институции кои, додава, сериозно и посветено работеле на јубилејот.
„Македонскиот јазик е далеку поважен од било чија лична промоција и мора да остане над партиски и персонални пресметки. Останувам отворен за конструктивна соработка со сите кои навистина се грижат за македонскиот јазик и идентитетот“,
порачува тој на крајот од објавата.
На неговата реакција, брзо одговори Груевска-Маџоска, со нова објава на Фејсбук, велејќи дека да ѝ бил потребен публицитет немало да молчи и оти немало потреба да ја користи оставката за такво нешто. Осврнувајќи се наводите на министерот во кои споменува партиски и персонални пресметки, експретседателката вели дека не знае зошто би имало „политичко препукување“, кога таа, како што тврди, не е, не била и нема да биде член на ниту една партија.

„Дејствувам според сопствената совест, зашто не должам никому ништо. Напротив. Но Вие вчера, на Вашиот брифинг, решивте да ја дезинформирате јавноста дека мојата оставка е од ‘лични причини’. Е така нема да може, бидејќи не е од ‘лични причини’. Јас не сум политичар, но ќе Ве советувам да си најдете подобри советници – да ги имавте, сигурно ќе Ве советуваа да кажете дека немате коментар. На тој начин, ова ќе се избегнеше“,
вели таа.
Според неа, во писмото Љутков во ниту еден момент не ја демантира дека немало буџет за чествувањето на минатогодишниот јубилеј и дека јавноста може да процени колкав бил ангажманот од нејзина страна. Во тој контекст, таа вели дека министерот повторно дезинформира, бидејќи таа била назначена како координатор на Координативното тело за одбележување на 80-годишнината, а не целиот Совет за македонски јазик.
„И да, претседателот и членовите на Советот добиваат скромен месечен надомест, но за работата во Советот, а не за координирање на Координативно тело. Срамно и неточно е да велите дека ‘непристојно е да ги девалвирате оние кои сериозно се вложија во одбележувањето…’ Па јас бев координатор и ‘сериозно се вложив’, исто така. Уште еден обид за дезинформација е дека го девалвирам Советот за македонски јазик. Во ниту еден дел од мојата денешна објава не го споменувам Советот за македонски јазик. Напротив, уште во објавата на 12 мај кога ја соопштив мојата оставка, јавно им се заблагодарив на членовите на Советот за македонски јазик, на членовите на Координативното тело и на членовите на Работната група за изработка на Националната стратегија, со кои одлично соработувавме“,
вели Груевска-Маџовска.
Причината за нејзината оставка таа ги лоцира кај министерот за култура и туризам и кај државниот секретар поради немањето комуникација, па дури, како што додава, и забрана за јавно зборување и закана.
„Моето претходно писмено обраќање до Вас веќе соопштив како заврши, така што, точно, не сум се обратила писмено за да барам прием, туку лично, двапати, кај Вашата секретарка. Не можете да го демантирате фактот дека ние не сме имале ниту една средба. Крајот на Вашето писание го завршувате со ‘Останувам отворен за конструктивна соработка со сите кои навистина се грижат за македонскиот јазик и идентитетот’. Дали Вие тоа имплицирате дека јас не се грижам навистина за македонскиот јазик и идентитет, туку Вие? Па немојте да бидете смешни, не Ви личи на функцијата“,
вели експретседателката на Советот за македонски јазик при Министерството за култура и туризам, Симона Груевска-Маџоска.
Инаку, Министерството за култура и туризам попладнево информира дека Владата на денешната седница го прифатила предлогот да ја именува Веселинка Лаброска за нова претседателка на Советот за македонски јазик.
Лаброска е дописен член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ) и редовен професор на Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков” – Скопје.
