„Воопшто не се сомневам во работата на Јавното обвинителство за организиран криминал, ниту во јавниот обвинител што го води тоа обвинителство со оглед дека од информациите што ги добивам, а тоа и јавноста го знае, ОЈО ГОКК водеше и сè уште води многу сензитивни и тешки предмети“, вели државниот јавен обвинител во интервју за „360 степени“ на МРТ 1

360°: На 4 декември соопштувате дека сите обвинители од републичкото Јавно обвинителство се во Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција за да вршат надзор. Заврши ли тој надзор, што се наодите од него? Не чувме досега јавно.
Коцевски: Не само во јавното обвинителство за организиран криминал, туку и во сите други јавни обвинителства е вршен надзор со тоа што во вишите јавни обвинителства во цела држава последните четири години не е вршен никаков надзор. Надзорот треба да се врши двапати годишно. Во последните четири години, со оглед дека не беше вршен надзор, причините не ги знам, јас како државен јавен обвинител дадов наредба да се изврши надзор во сите виши јавни обвинителства, да се изврши надзор во јавното обвинителство за организиран криминал, да се изврши надзор во работењето на јавниот обвинител за Европравда и да се изврши надзор на јавниот обвинител што го води одделението за меѓународна правна помош. Никогаш не се вршело надзор на овие две одделенија, а надзор во јавното обвинителство за организиран криминал ми се чини некаде најмалку околу две години не е вршен.
360°: Пак ќе кажам, некако сè коинцидира со овие критички изјави коишто доаѓаат од извршната власт кон правосудството, се разбира не само кон обвинителството, туку и кон судството и некако се чини дека вие реактивно постапувате на тие изјави.
Коцевски: Не е така, затоа што за надзорот по вишите јавни обвинителства дадено е наредба пред премиерот да даде критики. Тоа е редовен надзор што мора да се изврши и така се постапи. Јавните обвинители што се координатори за вишите јавни обвинителства вршеа надзор на сите.
360°: Имате ли готов извештај од надзорот во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, кое го води Ислам Абази?
Коцевски: Последниот надзор е вршен во јавното обвинителство за организиран криминал. Таму беа сите јавни обвинители, со оглед дека се работи за јавно обвинителство коешто ја опфаќа цела држава, со тоа што секој момент ги чекам службените белешки и извештаите од јавните обвинители. Ќе одржиме колегиум и ќе видиме со кои евентуално проблеми се среќава и што решавало обвинителството.
360°: Може ли да се каже дека ОЈО ГОКК, обвинителството што го води Ислам Абази, на некој начин, е тесно грло? Имате ли сознанија за евентуално пролонгирање на постапки, непостапување, имате ли сознанија дека обвинителство што го води Абази се труди да забошоти предмети во коишто се засегнати поранешни функционери, еве конкретно од ДУИ, да речеме?
Коцевски: Воопшто не се сомневам во работата на јавното обвинителство за организиран криминал, ниту во јавниот обвинител што го води тоа обвинителство со оглед дека од информациите што ги добивам, а тоа и јавноста го знае, ОЈО ГОКК водеше и сè уште води многу сензитивни и тешки предмети. Така што, во тој дел можам да нагласам дека еве се водеше постапка за „Синџир 1“, се водеше постапка за „Синџир 2“, се водеше постапка понатаму и се преземаа посебни истражни мерки за криминалните групи, се открија навистина голем број убиства.

360°: Уште при изборот на Ислам Абази се крена голема прашина, се појавија негови фотографии со првенци на ДУИ и со луѓе блиски до првенци на ДУИ. Сомнавањата беа дека ДУИ му помогнала позадински да биде избран за шеф на тоа обвинитество и сега алузиите коишто се прават се на таа линија. Кога ќе го посочите како аргумент случајот „Адитив“ за којшто беше отворена истрага од ова обвинителство, велат – да, ама таму не се засегнати функционери на ДУИ, да – ОЈО ГОКК постапува ама само во случаи во коишто не се засегнати функционери на ДУИ.
Коцевски: Вака сега, Ислам Абази, знаете, беше избран од страна на јавните обвинители од целата држава, што значи во тој дел не може никој да се сомнева во неговиот избор затоа што тој освои најголем број гласови. Во однос на предметите што ги води јавното обвинителство за организиран криминал, од она што има докази, јавното обвинителство, по мои информации, по сите постапи. Еве, можам да нагласам дека од ДУИ, ако така се гледа, беше и членот на Советот на јавни обвинители. Јавното обвинителство го реши предметот, судијата доби затворска казна. Со оглед на квалификацијата на кривичното дело, и членот на Советот за јавни обвинители беше огласен за виновен и доби условна. Што значи дека јавното обвинителство за организиран криминал постапува по секоја пријава и досега немам никакви сознанија дека се врши селекција во однос на членови на ДУИ или некој друг.
360°: Иџет Мемети доби условна казна.
Коцевски: Да, доби, со оглед на квалификацијата за којашто истиот беше и обвинет.
360°: Има уште една околност што можеби не треба да ја прескокнеме, а тоа е дека по последните измени на Кривичниот законик, практично, обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција загуби на релеванција со тоа што загуби надлежност на значаен дел предмети.
Коцевски: Видете вака, измените на Кривичниот законик навистина ни направија штета. Штета во поглед на кривичното дело, конкретно, злоупотреба на службена положба и овластување каде што тоа беше исклучива надлежност на јавното обвинителство за организиран криминал во поглед на штета која е нанесена на буџетот. Со измените на законот, тие надлежности се пренесоа на јавните обвинители според местото на извршување, односно на јавните обвинителства според местото на извршување на кривичното дело. Со тоа што сега има и едно друго становиште, меѓутоа треба да видиме допрва, дека доколку штетата е нанесена на буџетот, можат пак предметите да се вратат во надлежност на јавното обвинителство за организиран криминал.
360°: Од кого очекувате таа дилема да ви ја реши?
Коцевски: Таа е дилема ќе ја реши Врховниот суд.