На возрасните во Луксембург ќе им биде дозволено да одгледуваат до четири стебла канабис во своите домови и градини во согласност со законите, благодарение на што стана првата земја во Европа која го легализираше производството и употребата на марихуана
Како што се наведува во денешното соопштение на владата на Луксембург, се воведуваат значајни промени во пристапот на земјата во рекреативната употреба и одгледувањето канабис.
Според новиот закон, граѓаните на возраст над 18 години ќе можат легално да одгледуваат до четири стебла канабис по домаќинство за лична употреба.
Трговијата со семиња, исто така, ќе биде дозволена без ограничувања, кога станува збор за количината или нивото на тетрахидроканабинол (ТХЦ), главната психоактивна состојка.
Владата соопшти дека семето може да се купи во продавници, да се увезува од странство или да се купи преку интернет.
Владата има и намери да овозможи домашно производство на семиња за комерцијални цели, но плановите за воспоставување национален синџир на производство и регулирана дистрибуција се одложени поради пандемијата на ковид-19.
За домашните производители, местото за одгледување до четири растенија ќе биде ограничено на вообичаеното место на живеење, и надвор и внатре, на балкони, тераси или градини.
Законската забрана за потрошувачка и транспорт на канабис или производство на канабис во јавност ќе остане во сила, како и забраната за трговија со канабис или производи од канабис, освен семиња.
Во согласност со ублажувањето на законот, консумирањето и транспортирањето до три грама повеќе нема да се смета за кривично дело, туку за прекршок.
Извори блиски до власта, пишува „Гардијан“, велат дека иницијативата за овој закон е поттикната од намерата да се либерализира употребата и одгледувањето во „своите четири ѕида“.
Иницијативата претставува прв чекор кон уште позначајна промена во регулирањето на начинот на кој државата го третира канабисот со цел да ги држи корисниците подалеку од нелегалниот пазар.
„Системот за производство и дистрибуција регулиран од владата се планира да обезбеди квалитет на производите, при што приходите од продажба ќе се инвестираат првенствено во превенција, образование и здравствена заштита во поширокиот домен на зависноста“,
велат владини извори за „Гардијан“.
Општата рамка за измена на законот беше договорена пред две години со коалициски договор меѓу Либералите, Социјалдемократите и Зелените.
Луксембург ќе им се придружи на Канада, Уругвај и 11 американски држави, наспроти Конвенцијата на ОН за наркотични дроги, која ги обврзува потписниците да „го ограничат производството, извозот, увозот, дистрибуцијата, трговијата, употребата и поседувањето на наркотици (вклучувајќи канабис) на медицински и научни само за цели“.
Уругвај е првата земја во светот која воспостави легален национален пазар на марихуана кога ја легализираше марихуаната во 2013 година, а Канада го следеше примерот во 2018 година.
Рекреативната употреба, поседувањето и тргувањето со канабис е технички нелегално во Холандија, европска земја која веројатно е најмногу поврзана со релаксиран пристап кон употребата на канабис. Холандија има „политика на толеранција“ или „gedoogbeleid“ според која рекреативната употреба е општо прифатена во одредени граници.