ВМРО-ДПМНЕ со ова денеска се закопа, пушта снимки од разговори од време кога сите знаеја дека предметите на СЈО беа под закана. Милошоски го знае новиот Закон за јавно обвинителство. Тој, Груевски и Мицкоски знаат дека предметите ќе добијат пресуда врз основ на обезбедените докази, спасени се доказите, спасени се предметите, само криминалот на ВМРО-ДПМНЕ не е спасен.
Вака денеска Хари Локвенец од СДСМ ја коментираше аудио-снимката објавена од Антонијо Милошоски за која рече дека покажува оти Зоран Заев се меша во судската власт и договара судски одлуки.
Локвенец вели дека, најверојатно, снимката е направена за време на некои од состаноците кои се водени со групата на осумте исклучени пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и со партиите од албанскиот блок.
„Заев во објавените тонски снимки ја коментира одлуката на Врховниот суд за непостапување за предметите од СЈО после јуни 2017 година, состојба со која предметите ќе паднеа доколку не се изгласаше Законот за ЈО. Разговорот покажува зошто мораше да се донесе Законот за ЈО, сега со него се надминува одлуката на Врховниот суд и се овозможува сите предмети да добијат правна разрешница врз основа на обезбедени докази“,
рече Локвенец.
Тој повика граѓаните убаво да ја слушаат снимката за да видат како се ставани и вадени тонски парчиња во неа. Но, и покрај тоа, според него, ВМРО-ДПМНЕ не успеала да направи конструкција.
Во врска со поранешниот претседател на Врховниот суд, пак, Локвенец вели дека лидерот на СДСМ и јавно коментирал дека некој го штити и повикувал на одговорност.
„За разрешувањето на главната инсталација на Никола Груевски во судството, Јово Вангеловски, има бројни правни аргументи поради нечесно и несовесно работење и тие не може да ги оспори криминалецот Антонијо Милошоски за кого има предмет во СЈО. Заев уште во август минатата година во јавноста ги коментираше информациите дека некој во Судскиот совет го штити кумот на Трајко Вељаноски, Јово Вангеловски, повикувајќи на одговорност на сите согласно законите, без оглед на функцијата која ја врши“,
рече Локвенец.
*Поврзана вест: Милошоски објави прислушуван материјал и обвини дека Заев како премиер договорал судски одлуки (ВИДЕО)