Градоначалниците и советниците во четири општини на северот на Косово денеска и формално ги потврдија своите оставки.
Претпладнето во четирите општини се одржаа вонредни седници на кои градоначалниците на Лепосавиќ, Северна Митровица, Звечан и Зубин Поток формално поднесоа оставки од функцијата.

На седниците оставки поднесоа и претседателите на општинските собранија, како и советниците.
Со ова претставниците на четирите локални самоуправи на северот на Косово почнаа да ги спроведуваат одлуките и заклучоците што беа донесени на саботната седница на политичките и институционалните претставници на Србите на Косово.
За денеска напладне е најавен српски протест во северниот дел на Митровица. Истакнати се српски знамиња и билборди „Ова е Србија“, кои, како што велат Србите од северно Косово, покажуваат каде припаѓаат.
Србите од Косово најавија дека бојкотот ќе трае додека Приштина не се откаже од пререгистрација на возилата и не се формира Заедница на српски општини.
Косовскиот претседател Вјоса Османи ги повика Србите да не ги напуштаат институциите, го обвини Белград дека стои зад потезите и го истакна уверувањето дека во соработка со меѓународните партнери ќе се обезбеди непречена работа на институциите и јавната безбедност.

Во меѓувреме, полициските станици останаа без мнозинството полицајци, правосудните органи без судии и обвинители, локалните самоуправи без администрација. Во северниот дел Косово има околу 300 полицајци, од кои 80 отсто се Срби. Тие вчера ги соблекоа униформите за да покажат дека ја напуштаат службата.
Дирекцијата на полицијата во Приштина најави дека доколку биде потребно ќе ангажираат единици од другите делови на Косово, негирајќи дека испратиле припадници на специјалните единици.
КФОР соопшти дека ја следи ситуацијата и е во постојан контакт со Белград и Приштина и меѓународните претставници со цел да се спречи ескалација на ситуацијата.
Ноќта помина мирно.