Инаку, министерот за правда неодамна донесе решение за формирање работна група за изготвување на измените на Законот за Судскиот совет кое следуваше по извештајот на Европската комисија за напредокот на земјава во кој, меѓу другото, беа нотирани слабости во судството, а Судскиот совет во овој контекст беше споменат во повеќе наврати
Министерот за правда Кренар Лога најави дека препораките на оценската мисија на Европската Унија (ЕУ) за работата и функционирањето на Судскиот совет ќе бидат вметнати во измените на Законот за Судскиот совет, за чие изготвување неодамна беше формирана работна група.

Стандардите што ги бара ЕУ, вели Лога, ќе бидат земени предвид.
„Уште пред да го добиеме извештајот од оценската мисија, формиравме работна група која работи на тоа прашање и наредните денови таа ќе ги разгледа стандардите што ги бараат од нашата страна. На крајот на процесот ќе ги имаме измените на законот во кои ќе бидат внесени стандардите“,
рече министерот за правда Кренар Лога одговарајќи на новинарски прашања.
Извештајот на оценската мисија на ЕУ содржи 40 препораки за работата на Судскиот совет. Од вкупно 40 препораки, групирани во шест сегменти, 17 се во доменот на самиот Судски совет, додека за преостанатите 23 се потребни интервенции во Уставот и во законите кои ја регулираат конкретната материја
Претседателот на Судскиот совет, Сашко Георгиев, најави дека извештајот ќе се разгледува на јавна седница на Советот. Во неодамнешното интервју за „360 степени“, Георгиев изјави дека доколку оценската мисија на ЕУ заклучи дека Советот треба целосно да биде распуштен, одлуката ќе биде испочитувана.
Инаку, министерот за правда Кренар Лога неодамна донесе решение за формирање работна група за изготвување на измени на Законот за Судскиот совет. Одлуката следуваше по извештајот на Европската комисија за напредокот на Северна Македонија за 2023 година, во кој, меѓу другото, беа нотирани слабости во судството, а Судскиот совет во овој контекст беше споменат во повеќе наврати.