Едно лице од Радовиш, сместено во државен карантин на Попова Шапка, е позитивно на коронавирусот, информираат од Општина Тетово. Медицински екипи од тетовската државна болница ја следат состојбата на граѓаните сместени во хотелите за изолација.
Од општинскиот кризен штаб информираат дека во хотелите „Арена Тетекс“, „Попова Шапка“ и „Славија“ се сместени 210 лица и уверуваат дека нивната состојба се следи според сите протоколи и се врши редовна дезинфекција.
Според последните официјални статистики, бројот на заразени во тетовскиот регион достигна 29 лица.
Најмногу заболени има во Општина Тетово каде се детектирани 16 лица позитивни на ковид-19, пет лица се во Општина Теарце, четири во Општина Брвеница, едно лице во Општина Желино и две лица во Општина Боговиње од кои едно почина.
Од општинскиот кризен штаб посочуваат дека Клиничката болница во Тетово е целосно подготвена за третман на заболени од коронавирус во случај на поголемо ширење на заразата.