Од Уставен посочуваат дека поради тоа што станува збор за поништувачка одлука се отвора правна можност граѓаните со попреченост кои се на возраст над 65 години и не добиле надоместок сега да бараат тој да им се исплати од кога Законот е влезен во правна сила
Уставниот суд ги поништи одредбите од Законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани кои беа пречка лицата над 65-годишна возраст да добиваат надоместок заради попреченост.
Со одлуката, како што попладнево информираа од Уставен, поништен е членот 3 став 1 точка 2 во делот „најмногу до 65-годишна возраст“ од Законот.
„Корисници на правото на надоместок заради попреченост се лица со навршена 26-годишна возраст, а најмногу до 65-годишна возраст, со тешка или длабока интелектуална попреченост, со најтешка телесна попреченост, потполно слепо лице и потполно глуво лице, согласно со податоците од евиденцијата на центрите за социјална работа“,
предвидуваше сега поништената одредба од Законот.
Од содржината на овој член, велат од Уставен, произлегува дека во групата корисници на правото на надоместок заради попреченост не спаѓаат лицата над 65-годишна возраст, а со тоа овие лица се исклучени од финансиската поддршка согласно со Законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани.
Во таа насока Судот оценил дека со одредбата е нарушена темелната вредност на владеење на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот и принципот на правна сигурност на граѓаните во остварувањето на правата од социјалната сфера.
„Исклучувањето на овие лица од единствената категорија корисници на правото на надоместок заради попреченост создава и нееднаков третман помеѓу лицата кои се наоѓаат во иста правна положба (сите се корисници на правото на надоместок заради попреченост), но едни можат да остварат право на финансиска поддршка, а други не можат, исклучиво заради возраста“,
се наведува во соопштението на Уставниот суд.
Од Уставен посочуваат дека поради тоа што станува збор за поништувачка одлука, се отвора правна можност граѓаните со попреченост кои се на возраст над 65 години и кои не добиле надоместок, сега да бараат тој да им се исплати од кога Законот е влезен во правна сила.
Инаку, Законот за финансиска поддршка на социјално ранливи категории на граѓани е објавен во Службен весник на 18 декември 2023 година, од кога според членот 13 влегува во сила
Од Уставен, исто така, потсетуваат дека во декември 2022 година Судот го укина ставот 2 од членот 44 од Законот за социјална заштита, кој ги оневозможуваше лицата со попреченост над 65 години да остварат право на надоместок.