„ДУИ да каже дали овој нејзин проект е од зелената агенда, или пак од онаа стандардната, кога треба да се краде, да се дефокусира вниманието со политички теми за ширење на национализам“, стои во писмената реакција од опозициската ВМРО-ДПМНЕ во врска со денешната церемонија за откривање на 20-метарскиот споменик во чест на паднатите борци на ОНА, а на која присуствуваа функционери од редовите на ДУИ
Липково чекаше фабрика, а доби уште едно замајување, споменик и лага на ДУИ, стои во писмената реакција на опозициската ВМРО-ДПМНЕ во врска со денешната церемонија за откривање на 20-метарскиот споменик во чест на паднатите борци на ОНА, а на која присуствуваа функционери од редовите на ДУИ.
„Добро би било да го објасни Ахмети бенефитот за граѓаните на Липково од споменикот, со оглед на тоа што тамошните жители се иселија во отсуство и бесконечно чекање на инвестиции. ДУИ да каже дали овој нејзин проект е од зелената агенда, или пак од онаа стандардната, кога треба да се краде, да се дефокусира вниманието со политички теми за ширење на национализам“,
стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата посочуваат оти ваквите теми и потези предизвикуваат фрустрација кај останатите граѓани, додавајќи дека кога некое друго спомен-обележје ќе „изникне“, ДУИ и СДСМ не треба, како што велат, да глумат изненадена страна.
„Жално е што Ковачевски и СДСМ останаа неми за активностите на нивниот коалициски партнер. СДСМ и Димитар Ковачевски како по обичај кога се случуваат вакви нешта се прават недоветни, на тој начин со нечинење придонесувајќи натамошно да се разградат кревките мостови на соживот во земјата“,
заклучуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Денеска во селото Слупчане, кумановско, се одржа церемонија на која е откриена 20-метарска спомен кула во чест на падните борци на ОНА, а на која присуствуваа функционери од редовите на ДУИ, меѓу кои и лидерот на партијата, Али Ахмети.
Ахмети во текот на својот говор порача дека ОНА е составен дел од историјата на нашата земја, без која не би можел да се постигне Охридскиот мировен договор.
Овој споменик Ахмети го најави уште лани на 2 мај, датумот на кој ДУИ го слави „Денот на мачениците на народот“, а како што соопштија локалните власти, изградбата на спомен-кулата чинела 200 000 евра.