Во однос на блокадата од Бугарија, Линде рече дека ЕУ презела обврски кон Северна Македонија и дека треба да ги исполни тие обврски
Северна Македонија ги исполни потребните услови и преговорите треба да започнат веднаш. ЕУ веќе донесе едногласна одлука за ова во март 2020 година, изјави денеска во Скопје шведската министерка за надворешни работи Ан Линде на заедничката прес-конференција со шефот на дипломатијата Бујар Османи.

Во однос на блокадата од Бугарија, Линде рече дека ЕУ презела обврски кон Северна Македонија и дека треба да ги исполни тие обврски.
„Потребен е дијалог да се решат овие прашања на соодветен начин и ги поттикнувам сите дипломатски напори за решавање на ова прашање. На моите состаноци со министрите за надворешни работи во ЕУ јасно истакнувам дека Бугарија не треба да ги блокира преговорите и дека билатерално прашање не треба да биде предуслов за почеток на преговорите со Северна Македонија. Мислам дека ова е заедничка позиција и став на повеќето министри за надворешни работи, освен на министерот за надворешни работи на Бугарија“,
изјави Линде.
Таа рече дека го споделува разочарувањето со граѓаните на С Македонија, но рече дека реформите треба да продолжат бидејќи не се само за членство во ЕУ, туку и за доброто на граѓаните.
„Погрешно е да се каже дека ја правиме оваа реформа за ЕУ, туку дека таа е добра за граѓаните и за обезбедување на безбедноста. Тоа не треба да ги обесхрабрува граѓаните. Секако дека има причина да се биде разочаран. Јас сум разочарана, секако и Вие сте разочарани“,
изјави Линде.