На денешното рочиште за „Рекет“ денеска сведочеше и Лила Стојановска, ТВ-водителка која важеше за блиска пријателка на Бојан Јовановски.
Таа денеска одговараше на прашања за пријателството со Боки 13, но и за донацијата од 25.000 евра која му ја дала кога се отворала 1ТВ.

„Тогаш се отвораше телевизијата. Ме праша дали можам да помогнам, реков дека можам и дадов донација. Тоа беше донација, потоа дадов и позајмица од 500.000 денари“,
рече Стојановска.
По ова следуваше прашањето од обвинителката Гордана Смаќоска зошто парите прво биле префрлени како позајмица на нејзината сметка од „БМЈ медиа груп“, а потоа таа ги дала како позајмица на „БМЈ медиа груп“, што Стојановска го демантираше.
„Не е така. На моја сметка немам примено никаква позајмица од ‘БМЈ медиа груп’, туку јас сум таа што дала позајмица“,
рече Стојановска.
Потоа таа зборуваше дека со Боки оделе заедно на патувања. Рече дека тоа биле главно за викенд, а само во ден случај, кога Боки бил на одмор, таа и нивниот заеднички пријател Сергеј (Варошлија н.з.) самоиницијативно отишле во ресортот, но не престојувале во истиот хотел.

Денот кога Боки беше уапсен првпат планирале да заминат заедно на одмор.
„Тоа беше денот кога бевме стопирани на граница. Јас бев во Турција претходно, комунициравме преку ‘Вибер’, ми кажа дека ќе одиме јас, тој, Сергеј и Анета Кочишки. Јас тогаш зедов пари со мене. Ја заборавив картичката, па се јавував кај син ми да ми префрли пари за да имам, меѓутоа Бојан организираше. Јас никаде не одам без пари. Се видовме вечерта пред одење само зошто претходно бев во Турција, Бојан кажа дека сè е организирано. Веројатно било платено однапред, па ако требало ние ќе сме дале после пари. Но тој одмор не се реализираше, како што е познато“,
сведочеше Стојановска.