Членовите на белорускиот опозициски Координативен совет, вклучувајќи ја и лидерката на протестите, Марија Колесникова, денеска ја минале границата и влегле во Украина, изјави портпаролот на белоруската државна комисија за граници, Антон Бичковски.
„Потврдуваме дека во 4 часот утринава ја минаа граничната контрола на преминот Александровка“,
рече портпаролот на агенцијата за Тасс.
Во групата биле лидерката на протестите Марија Колесникова, Иван Кравчов и Антон Роденков.
Маскирани лица вчера ја грабнаа Колесникова од центарот на Минск и ја однеле со комбе, а нејзини двајца соработници подоцна исчезнале, соопшти опозициското движење.
Колесникова е последната од трите жени политичарки кои здружено му се спротивставија на претседателот Александар Лукашенко на изборите на 9 август, а која во меѓувреме остана во Белорусија. Таа играше важна улога во повеќенеделните масовни демонстрации и штрајкови против Лукашенко во градовите низ земјата. Противкандидатката на Лукашенко, Светлана Тихановскаја веднаш по изборите избега во Литванија.
Опозицијата тврди дека изборните резултати беа наместени, додека Лукашенко ги негира обвинувањата и тврди дека странските сили се мешаат во внатрешните работи на Белорусија.
Во текот на вчерашниот ден, десетици илјади луѓе протестираа низ земјата барајќи оставка од Лукашенко и нови избори. Полицијата уапсила 633 демонстранти.
ЕУ вчера потврди дека планира да наметне економски санкции врз 31 белоруски функционер, вклучително и врз министерот за внатрешни работи до средината на септември.
Дипломат на ЕУ за Ројтерс изјавил дека начелно се согласиле за 14 имиња, но многу земји сметале дека тоа не е доволно, по што е постигнат консензус за уште 17 лица.
Се работи за високи функционери одговорни за изборите, насилството и нападите врз демонстрантите. Санкциите сѐ уште не се потврдени од сите земји-членки. Се чека одобрение од Грција и Кипар кои, пак, бараат од ЕУ да наметне санкции и врз Турција поради спорот во источниот Медитеран.