Покрај расправата за набавка и дистрибуција на вакцини низ ЕУ-27 и во соседството, како и кампањата за вакцинација, Мишел најавува и разговори за сертификати за вакцинација
Набавката на вакцини за земјите соседи на ЕУ, како што се државите од Западен Балкан, и трети земји ќе биде една од темите на дискусија на лидерите на ЕУ на состанокот на 21 јануари, најавено е вечерва во Брисел.
„Треба да разговараме за соработката со трети земји во врска со вакцините што треба да се третираат како глобално јавно добро. Ќе видиме како можеме да им помогнеме на нашите партнери во соседството и пошироко“,
вели претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел во поканата за состанокот до лидерите на земјите од ЕУ, кој ќе се одржи преку видеоконференциска врска.
Во писмото, Мишел наведува дека на состанокот ќе се разговара и за кампањата за вакцинација во рамките на ЕУ бидејќи апсолутен приоритет, како што вели, е забрзување на вакцинацијата во ЕУ.
„Најитно прашање се вакцините. Добра вест е дека имаме пристап до две одобрени вакцини од ЕУ и имаме договори за уште четири други. Забрзувањето на вакцинацијата во ЕУ е наш апсолутен приоритет“,
пишува Мишел.
Покрај расправата за набавка и дистрибуција на вакцини низ ЕУ-27 и во соседството, како и кампањата за вакцинација, Мишел најавува и разговори за сертификати за вакцинација.
„Ќе разговараме за соодветноста на заедничкиот пристап кон сертифицирање, како и, доколку е потребно, околностите под кои може да се користат ваквите сертификати“,
рече Мишел.
Претседателот на Европскиот совет смета дека моменталната состојба со ковид-19 во Европа бара најголемо внимание.
Покрај почетокот на вакцинацијата, тој повика да продолжат тестирањата и следењето на контактите, но и да се овозможи прекугранично движење во рамките на ЕУ.