Протестот започна пред СВР Битола, а заврши со марш на булеварот каде се наоѓаат просториите на битолското Основно јавно обвинителство и на бугарскиот конзулат
Попладнево пред СВР-Битола, организирани од политичката партија Левица, демонстранти на мирен протест побараа слобода и правда за Ламбе Алабаковски, кој е во притвор заради палење на вратата на бугарскиот клуб „Ванчо Михајлов“ во Битола, јави дописникот на МИА.
Во изјава за медиумите, локалниот претседател на Левица, Горан Велевски побара итно ослободување на Алабаковски.
„Битола е град на херојот Стив Наумов и во овој град нема место за Ванчо Михајлов. Бараме ослободителна пресуда за Ламбе Алабаковски и бараме информација од Централниот регистар дали е правно отворен клубот во Битола кој во моментов претставува провокација за битолчани“,
истакна Велевски.
Мирниот протест заврши со марш на учесниците по булеварот „1. Мај“ каде се објектите на Основното јавно обвинителство Битола и конзулатот на Република Бугарија во Битола.
Влезот од клубот „Ванчо Михајлов“ беше запален на 4 јули утрото. МВР вчера соопшти дека го пронашла и привела сторителот кој го признал делото, а набргу во јавноста излезе информација и дека станува збор за пејачот Ламбе Алабаковски. Битолското обвинителство од судот побара најстрога мерка на обезбедување, по што оттаму синоќа соопштија дека на Алабаковски му одредиле осумдневен притвор.