Осумчасовниот работен ден, според пратеникот од Левица, Амар Мециновиќ, е остаток од индустриското време и е стандард за полно работно време кое не одговара на денешниот свет. Рече дека предлогот на Левица се базира на анализа и искуства од земји како Исланд, Јапонија, Велика Британија, Шведска, Франција, Германија кои веќе имаат воведено или експериментираат со модели за пократко работно време
Опозициската Левица предлага намалување на работниот ден од осум на шест работни часа, без намалување на платите. Причината за ваквиот предлог, кој денеска во Собранието го образложи пратеникот Амар Мециновиќ, е, како што рече, поради тоа што власта не сака да ги зголеми платите. Додаде дека предлогот е така конципиран да нема буџетски трошоци.

Осумчасовниот работен ден, вели Мециновиќ, е остаток од индустриското време и е стандард за полно работно време кое не одговара на денешниот свет.
„Овој свет кој денес го живееме има зголемена продуктивност, благодарение на технологијата. Обврските на работникот се автоматизираат, дигитализираат и напредуваат на начин што тој веќе не е инволвиран како што бил инволвиран во индустриското време. Технологијата напредува, а работниот ден на работниците е исполнет со анксиозност, хроничен замор, исцрпеност и немаат вистински простор за одмор и грижа за семејството“,
рече Мециновиќ на денешната прес-конференција во Собранието.
Пратеникот од опозициската партија додаде дека предлогот на Левица се базира на анализа и искуства од земји како Исланд, Јапонија, Велика Британија, Шведска, Франција, Германија, како и Црна Гора, кои имаат воведено пократко работно време или експериментираат со модели за пократко работно време.
„Сите анализи покажуваат дека резултатите се јасни. Подобра продуктивност, помало отсуство од работа, подобро ментално здравје и зголемена лојалност кон работните обврски на работниците. Ниедна од овие земји не претрпе економски удар, туку напротив многу фирми пријавија раст“,
вели тој.
Мециновиќ очекува предлогот на Левица да добие поддршка од останатите партии.