Од ЦУК велат дека транспортот на Леонид од Виена до Скопје бил побаран од неговиот татко на 10 јули годинава, а по координација помеѓу министерствата за внатрешни работи и за здравство на барањето било позитивно одговорено

Младиот Леонид Индов вчера доцна попладне со хеликоптер на Министерството за внатрешни работи (МВР) е пренесен од Виена до Скопје, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Леонид е транспортиран со хеликоптерот на МВР, во кој се става специфична медицинска опрема, а во леталото е присутен и медицински персонал.
Од ЦУК велат дека транспортот на Леонид од Виена до Скопје бил побаран од неговиот татко на 10 јули годинава, а по координација помеѓу министерствата за внатрешни работи и за здравство на барањето било позитивно одговорено.
Леонид Индов минатото лето доживеа тешка несреќа на летување во Грција, при што повреди повеќе ’рбетни пршлени. Дише на респиратор и не може да ги движи екстремитетите.
Од ЦУК велат дека ова е прв ваков воздухопловен транспорт во нашата држава, на лице заболено од параплегија односно со неможност за движење на екстремитетите, а дише со помош на подвижен респиратор и кој е поврзан со катетер.
Индов на 6 февруари беше транспортиран на лекување во Виена, Австрија, а властите тогаш се пофалија дека тој е првиот пациент од земјава кој се транспортира со медикоптерот на Министерството за внатрешни работи.
Две недели подоцна стигна веста дека Фондот за здравствено осигурување го одбил барањето на семејството на Индов – момчето да се лекува во Виена, затоа што такво „продолжено болничко лекување“ можело да се изврши и во здравствени институции во земјава.
Во меѓувреме на социјалните мрежи се споделуваше повик до граѓаните да донираат средства за младиот Индов да може да го продолжи лекувањето во Виена.
Од Фондот рекоа дека првостепената комисија на ФЗОРСМ го одбила барањето за лекување на младиот Леонид Индов во болница во Австрија затоа што според правилникот на ФЗОРСМ за начинот на користење здравствени услуги на осигурените лица во странство „медицинска рехабилитација“ не е на товар на Фондот.