Лекарската комора не споделува детали од извршениот стручен надзор во врска со случајот со родилката која остана без јајник, матка и бубрег. Тие велат дека не смеат да го споделат изготвениот извештај со јавноста поради заштита на пациентите.
Претседателката д-р Калина Гринчева-Старделова и членовите на Извршниот одбор на Комората денеска на прес-конференција појаснуваа дека тие не се регулаторно тело, туку дека вршат само стручен надзор за одредени случаи кога тоа се бара од нив, а извештаите ги доставуваат до Министерството за здравство, до барателот за стручниот надзор и до установата во која се прави надзорот.
„Како претседател на Лекарска комисија не сум дел од работење на таа комисија и немам увид. Не значи дека имам слобода да правам увид и да читам документи. Сепак, постои закон за права на пациенти каде што се заштитени сите податоци на пациенти. Само одредена група луѓе може да ги разгледа тие податоци и да донесе некакво свое мислење околу редот на нештата“,
рече Старделова.
Старделова, како и останатите лекари членови на Извршниот одбор не можеа да зборуваат подетално за тоа зошто гинекологот д-р Мухамед Асани, кој е и директор на струшката болница, ги извадил трите органи од родилката која ја пораѓал. Велат дека тие немале увид во извештајот, а нема да ги соопштат ниту имињата на оние што биле избрани да го извршат надзорот.
„Поради вршење притисоци од семејствата, од други колеги лекари, затоа имињата на оние што се избираат за стручен надзор се загарантирано безбедни“,
рече Старделова.
Додаде дека тие како Лекарска комора не можат да утврдуваат лекарска грешка, туку тоа треба да го направат судски вештаци откако тој случај ќе влезе во судска процедура.
„Вршење надзор е само стручно мислење од избрана група од наши членови, колеги од областа. Вообичаено таа група изнесува од три до пет члена, а во Лекарската комора годишно вакви стручни надзори се вршат во голем број. Ние не сме регулативно тело, а тука настана целата забуна во која Лекарската комора беше ставена во улога на суд“,
вели Старделова.
Во мирување е ставено и членството во извршниот одбор на директорот Асани додека овој случај не се расчисти до крај.