Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, на денешната прес-конференција објави документи во врска со имотот на директорката на Бирото за метрологија Мерита Мустафаи, која е кадар на ДУИ. Опозициската партија ја доведува Мустафаи во врска со акредитацијата што фирмата „Метролаб“ ја добила за вршење инспекција на мерила за зафатнина и проток на нафтени деривати и течен нафтен гас. Фирмата, како што рече Лефков вчера, била основана од извесен Ермир Имами, кој бил вработен како шалтерски работник кај Ветон Груби, брат на првиот вицепремиер Артан Груби
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска, како што најави, продолжи со објавување нови детали за луѓето блиски до првиот вицепремиер Артан Груби кои, како што тврдат од партијата, вртат големи бизниси, а тоа им го овозможуваат функционери на ДУИ во институциите.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Миле Лефков, на денешната прес-конференција објави документи во врска со имотот на директорката на Бирото за метрологија Мерита Мустафаи, која е кадар на ДУИ. Опозициската партија ја доведува Мустафаи во врска со акредитацијата што фирмата „Метролаб“ ја добила за вршење инспекција на мерила за зафатнина и проток на нафтени деривати и течен нафтен гас.

Фирмата, како што рече Лефков вчера, била основана од Ермир Имами, кој бил вработен како шалтерски работник кај братот на првиот вицепремиер, Ветон Груби.
Цитирајќи го членот 6 од Законот за метрологија, Бирото на чие чело е Мустафаи учествува во постапката за акредитација на лаборатории за калибрација и тестирање и врши надзор над работењето на правните лица овластени за извршување одделни работи од областа на метеорологијата. Такво правно лице, велат од ВМРО-ДПМНЕ, е „Метролаб“.
„Бирото за метрологија е од клучно значење во целиот процес, затоа денес ќе презентираме факти, која е Мерита Мустафаи, директор на Бирото за метрологија, што се крие зад неа и каков имот има. Мерита Мустафаи од ДУИ, која му го овозможува бизнисот на човек близок до семејството Груби, во својот анкетен лист пријавила два стана во Тетово и едно теренско патничко моторно возило `шевролет каптива`, сите на име на нејзиниот сопруг, но и два кредита, од кои едниот е еднаков со вредноста на станот во Тетово, кој е купен во истата година кога е земен и кредитот. Вака анкетниот лист не е спорен доколку не се знае фактот дека сопругот на Мерита Мустафаи, Елмир Мустафаи, поседува луксузна хациенда на Попова Шапка од над 150 квадратни метри“,
рече Лефков.
Тој на прес-конференцијата објави документи, за кои рече дека се анкетниот лист на Мустафаи, кои покажуваат дека таа не ја пријавила луксузната хациенда чија градба почнала во 2020 година.
„Хациендата на Мустафаи е почната со градба во 2020 година, тоа може да се види од овие сателитски снимки, тоа е една година пред Ермир Имами, вработен кај Груби, да ја основа `Метролаб`, а истата е завршена со градба веќе во август 2021 година, ја имаме и снимката. Зошто Мустафаи не ја пријавила хациендата? Што се крие зад тајниот имот? Со кои средства е направена хациендата и дали семејството Мустафаи има доказ за потеклото на парите со кои е направена хациендата? Јавно ги повикуваме институциите, на чело со Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), но и Јавното обвинителство и сите финансиски институции во државата, да отворат истрага и да утврдат со кои пари семејството на Мустафаи ја гради хациендата на Попова Шапка, но и зошто таа не ја пријавила?,
прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ, истовремено порачувајќи дека е време за одговорност на кадрите на СДСМ и ДУИ.
На обвинувањата на опозициската партија вчера реагираше првиот вицепремиер Артан Груби, кој во објава на Фејсбук истакна дека како јавна личност очекувал и ќе се соочи со кампањата на клевети, но не верувал дека од ВМРО-ДПМНЕ можеле да паднат толку ниско и да напаѓаат членови на неговото семејство.
Првиот вицепремиер во објавата вели дека нападите се без никаква основа и причина и дека членовите на неговото семејство на кои се однесуваат наводите на ВМРО-ДПМНЕ работат во приватниот сектор многу порано пред тој да почне да се занимава со политика.