Таа оцени дека премиерот Христијан Мицкоски и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ, потфрлиле во најважниот сегмент – економијата и животниот стандард на граѓаните
Цените на основните производи секојдневно растат, храната е прескапа, животот за граѓаните во Македонија станува се поскап и се потежок. Последните податоци покажуваат дека минималната синдикална кошница за месец декември изнесува 62 861 денар, што е зголемување за 840 денари во споредба со претходниот месец, изјави денеска на прес-конференција портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Ова значи дека веќе ниту две минимални плати не се доволни за да ги покријат основните потреби на луѓето. Граѓаните немаат никаква корист од мерките на власта. Кошничките се измама и манипулација. Власта им дозволи на трговците да се богатат на грбот на народот. Со ДПМНЕ на власт, граѓаните имаат се помалку пари во џебовите, осиромашуваат и секој месец се борат да го преживеат“,
посочи Кузеска.
Таа оцени дека премиерот Христијан Мицкоски и неговата партија ВМРО-ДПМНЕ, потфрлиле во најважниот сегмент – економијата и животниот стандард на граѓаните.
„Наместо да работат за подобрување на животот на граѓаните, Мицкоски и ДПМНЕ одбиваат да прифатат зголемување на минималната плата и го отфрлаат предлогот на СДСМ за укинување на ДДВ на храна. Ова е уште еден доказ за погрешните и штетни политики на ДПМНЕ и ароганцијата на нивното раководство. Наместо да ја подобрат состојбата, тие директно ги загрозуваат стандардот на граѓаните“,
рече портпаролката на СДСМ.
Кузеска потенцира дека СДСМ нема да остане нем сведок на „ваквите неправди“ и дека ќе продолжи активно да се бори за политики кои носат вистински решенија.
За да си ги обезбеди основните потреби, на едно четиричлено семејство во декември годинава му се потребни 62 861 денар. Тоа, како што објави Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ), е зголемување на минималната синдикална кошничка за 840 денари во споредба со претходниот месец.
Според ССМ, од септември годинава, кога е воведена владината мерка за ограничување на бруто-профитната маржа на производите, како и со последната акција за намалување на цените за најмалку 10 отсто, има резултат во делот на храна и пијалаци. За овие потреби во септември биле потребни 23 034 денари, а во декември за истата ставка пресметано е дека се потребни 23 075 денари што е зголемување од 41 денар.