Со новиот пакет антикризни мерки пензионерите со најниски пензии до 14.000 денари, во наредните 5 месеци ќе добијат 15.000 денари на своите сметки, односно по 3.000 денари секој месец, соопшти портпаролката на СДСМ, Богданка Кузеска.
„Пензионерите што имаат пензии од 14.000 до 16.000 денари добиваат по 2.000 денари месечно, односно 10.000 денари. Оние пензионери со пензија од 16.000 до 19.000 денари добиваат по 1.500 денари месечно, односно 7.500 денари. Исплатата започнува во декември, со цел зимските месеци да поминат со повеќе пари во семејните буџети,“
потенцира Кузеска.
Со овие мерки се опфатени над 187.000 пензионери, а според Кузеска, преку системски мерки и со методологијата за усогласување на пензиите од септември 2022 година досега минималната пензија е зголемена за 25 проценти.
Со новата методологија на пресметка на пензиите, пензиите веќе пораснаа за повеќе од 5.000 денари. Ако се спореди со 2016 година, во време на ДПМНЕ, просечната пензија изнесувала 13.754 денари, или нешто над 200 евра. Во време на СДСМ, оваа 2023 година, просечната пензија е покачена на околу 20.000 денари. Тоа е зголемување од околу 6.000 денари од страна на СДСМ, односно 50% повеќе од ДПМНЕ“,
кажа Кузеска.
Од СДСМ додаваат и дека за време на нивното владеење е воведена социјалната пензија со која граѓаните над 65 години, кои немаат никаков приход, и не можат по друг основ да остварат пензија сега имаат право на тоа.