Косовскиот премиер, Албин Курти, попладнево отпатува за Хрватска за да ги посети повредените во тешката сообраќајна несреќа на автобусот кој пренесуваше печалбари од Германија во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Курти ќе ја посети болницата во Славонски Брод каде што се примени 44 повредени патниџи, од кои 15 се со потешки повреди.
Автобусот кој сообраќаше на релацијата Франкфурт – Приштина утрово околу шест часот излета од патот и се преврте во близина на Славонски Брод, при што, според досегашниот биланс, загинаа 10 лица, од кои девет патници и еден од двајцата возачи.
Заедно со Курти за Хрватска отпатуваа и министерката за надворешни работи и дијаспора, Доника Грвала, министерот за внатрешни работи, Џељаљ Свечља и министерот за здравство, Арбен Витиа.
Во соопштението од кабинетот на Курти се вели дека косовските институции се во постојан контакт со хрватските власти, кои, како што се нагласува, „ги презеле сите потребни мерки за згрижување и лекување на сите патници кои беа повредени во трагичната несреќа“.