Косово го прогласи понеделник, 26 јули, за ден на жалост во државата, во знак на почит за граѓаните кои го загубија животот во тешката автобуска несреќа што утрово се случи во Хрватска, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во соопштението од кабинетот на косовската претседателка, Вјоса Османи, се наведува и дека по несреќата, во која животот го загубија десетмина косовски печалбари во Германија, таа ќе ја прекине посетата на Јапонија, каде што престојува по повод Олимписките игри, и утре ќе се врати во земјата.
Автобусот со косовски регистарски таблички, кој сообраќаше на релацијата Франкфурт – Приштина, утрово околу шест часот излета од патот и се преврте во близина на Славонски Брод, при што, според досегашниот биланс, загинаа девет патници и еден од двајцата возачи. Во болницата во Славонски Брод се примени на лекување 44 патници, од кои 15 се потешко повредени.
Дел од оние што ја преживеаа несреќата, во изјава за Радио Телевизија на Косово раскажуваат дека трагедијата се случила во многу кратко време.
„Се случи за една минута. Само видовме дека автобусот излета и се лизгаше околу 100 метри. Возачите спиеја. Тие се менуваа од време на време“,
вели еден од преживеаните.
Министерот за здравство, Вили Берош, појасни дека во автобусот имало 15 малолетни лица. Едно од нив, станува збор за девојка, е меѓу потешко повредените.