Според косовскиот премиер, Берлинскиот процес е доволна рамка за европска интеграција на Западен Балкан и не се потребни алтернативи
Премиерот на Косово, Албин Курти, рече дека германската канцеларка Ангела Меркел не побарала на состанокот во Тирана тие да се приклучат на иницијативата „Отворен Балкан“.
„Од нас не беше побарано да се приклучиме на ‘Отворен Балкан’. Владата на Косово е влада на суверена држава. Не сметаме дека е во наш интерес да бидеме заедно со Србија, која не ја признава независноста на Косово. Треба да се изврши притисок врз Србија, која ги негира злосторствата“,
рече Курти на прес-конференција по средбата со Ангела Меркел.
Тој додаде дека состанокот потврдил дека Берлинскиот процес е доволна рамка за европска интеграција на Западен Балкан и дека не се потребни алтернативи. Тој изрази уверување дека Берлинскиот процес ќе продолжи и по завршувањето на мандатот на германската канцеларка Ангела Меркел.
Зборувајќи за иницијативата „Отворен Балкан“ на заедничкиот регионален пазар, што ја започнаа Србија, Северна Македонија и Албанија, Курти изјави дека во таа иницијатива нема Европска унија.
„Република Косово е независна држава за која сите ние мора да се обврземе, без оглед на позицијата што ја имаме, да бараме нејзино признавање“,
рече тој.
Курти ги критикуваше своите претходници за, како што рече, компромиси кои не дадоа резултати.
„Моите претходници направија компромиси, а каде е признавањето на Србија? Компромисите се покажаа погрешни. Србија треба да го смени Уставот, а не Косово“,
рече Курти.