Рама, пак, кој често упатува критички тонови кон ЕУ и состојбата на двете земји ја споредува со драмата „Чекајќи го Годо“, рече дека „ние сме заложници на национализмот внатре во ЕУ“
Германската канцеларка Ангела Меркел на заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама во Тирана, рече дека Албанија и Северна Македонија ги исполниле условите за преговори со ЕУ.
„И Албанија и Северна Македонија ги исполнија поставените услови за да започнат преговори за членство. За жал, тоа не беше постигнато поради бугарското вето, но ние ветивме дека ќе бидеме блиску до овој процес, бидејќи е вложена многу сила и енергија во него“,
рече Меркел.
На новинарско прашање, Меркел призна дека стагнацијата на процесот на интеграција на Албанија во ЕУ се должи и на внатрешната политика на некои од земјите на Унијата, пренесе „Ора њуз“.
Меркел додаде дека го разбира разочарувањето на земјите од регионот бидејќи, како што рече, кога се исполнети условите, дадениот збор мора да се одржи и да не се даваат други услови поради внатрешно-политички причини во одредени земји.
„Ова носи разочарување и ја разбирам фрустрацијата што постои. Кога ќе се потврди дека се исполнети условите, треба да се одржи зборот, бидејќи во спротивно се појавува разочарување и треба да знаеме како да си веруваме едни на други“,
рече Меркел.
Рама, пак, кој често упатува критички тонови кон ЕУ и состојбата на двете земји ја споредува со драмата „Чекајќи го Годо“, рече дека „ние сме заложници на национализмот внатре во ЕУ“.
„Ние сме заложници на национализмите во ЕУ. Во ЕУ нема националистички влади, но за жал во некои земји националистите и екстремната десница влијаат на одлучувањето на умерените влади. Дури и она што се случува денес е заложништво на интегративниот процес од националистички бран во една земја“,
рече Рама.
Меркел и Рама одржаа прес-конференција по билатералната средба. Во Тирана се и делегации од владите од земјите на Западен Балкан, со кои германската канцеларка имаше и заеднички ручек. Со секој од премиерите од Западен Балкан, таа ќе има и билатерална средба. Нашата делегација ја предводи премиерот Зоран Заев, а во неа се и вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, и шефот на дипломатијата, Бујар Османи. Според најавата од Владата, Заев ќе има билатерална средба со Меркел во попладневните часови.
Ова е и последна посета и средба на германската канцеларка со лидерите од регионот пред нејзиното заминување од функцијата по изборите во Германија закажани на крајот од септември.