Во врска со употребата на европското знаменце, реагираа од Делегацијата на Европската Унија во земјава, од каде што посочија дека конкретната легислатива не е во согласност со стандардите на Унијата. Ставот на Делегацијата вчера го повтори евроамбасадорот Дејвид Гир. Ковачевски денеска не сакаше да одговори конкретно дали со ставањето европско знаменце на овие закони се загрозува европската агенда. Според него, тоа било направено со цел коридорите да бидат изградени побрзо, поевтино и поефикасно
Премиерот Димитар Ковачевски денеска, одговарајќи на новинарски прашања, не даде конкретен одговор дали со ставањето европско знаменце на петте предлог-закони поврзани со изградбата на автопатите на „Бехтел и Енка“ се загрозува европската агенда и дали тоа свесно се прави. За ваквиот потег на власта, од Делегацијата на Европската Унија, како и лично од евроамабсадорот во земјава, Дејвид Гир, беше искажана загриженост, нагласувајќи дека системот на европско знаменце се користи кога државата ја усогласува домашната легислатива со легислативата и стандардите на Европската Унија.
Ковачевски, во одговор до новинарите, ја истакна значајноста од изградбата на коридорите 8 и 10-д и ги нападна Левица и ВМРО-ДПМНЕ дека се против интеграцијата на земјава во ЕУ и НАТО.
„Тоа е најголемиот стратешки проект во историјата на државата. Се работи за 110 км автопат на две делници, односно на повеќе делници, кои ќе овозможат конечно, после децении и децении немање на автопат кон Албанија и експресен пат кон Бугарија којшто веќе се прави, државата да биде поврзана со Коридорот 8. Инаку Коридорот 8 никогаш не беше на мапата на паневропските коридори и благодарение на Албанија, Италија, Северна Македонија и Бугарија, веќе овој месец, нашиот министер за транспорт и врски во Брисел ќе го потпише меморандумот за ставање на Коридорот 8 на мапата на паневропските коридори, како што е коридорот 10 и единствен коридор во државата којшто ние до сега го имаме. Со градењето на овој коридор ќе можеме да имаме пристап до пристаништето во Бургас и до пристаништето во Драч, а не како досега само до пристаништето во Солун“,
истакна Ковачевски.
Со цел да биде овозможена побрза и поефикасна изградба со финансиска конструкција која ќе биде пониска од она што е со постојаната регулатива, додаде тој, Владата поднесе пет измени на закони, односно услогласувања со цел да бидат изградени побрзо, поевтино и поефикасно овие два исклучително важни коридори.
„Вие сте свесни дека во нашиот политички простор постојат партии коишто се против зачленувањето на државата во ЕУ и НАТО. Тоа е партијата Левица која ја има земено во заложништво ВМРО-ДПМНЕ. Тие прават потези спротивни на националните интереси и заради тоа што се работи за навистина стратешки и европски поврзани коридори, државата одлучи да овие закони се разгледуваат на Комисијата за европски прашања“,
рече премиерот.
Петте предлог-закони на Владата поврзани со изградбата на автопатите на „Бехтел и Енка“ веќе се на седница на Комисијата за европски прашања. Меѓу нив се измените и дополнувањата на Законот за работни односи, Законот за урбанистичко планирање, за градење, Законот за експропријација и Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање стратегиски партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10-д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија. Сите предлог-измени доставени од Владата се со европско знаменце, односно треба да се донесат по скратена постапка.
Во врска со употребата на европското знаменце, реагираа од Делегацијата на Европската Унија во земјава, од каде што посочија дека конкретната легислатива не е во согласност со стандардите на Унијата. Ставот на Делегацијата вчера го повтори евроамбасадорот Дејвид Гир.
„Европското знаменце може да го користите кога ја усогласувате вашата легислатива со легислативата и стандардите на ЕУ. Нè загрижува означувањето на законите поврзани со коридорите 8 и 10-д со европско знаменце, со оглед на тоа што тука нема усогласување со стандардите на ЕУ“,
рече Гир одговарајќи на новинарски прашања.
Пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во име на опозициски членови на собраниската Комисија за надворешни работи, вчера доставија писмо до Европскиот парламент во кое ја обвинуваат власта оти го злоупотребува европското знаменце кое се најде на петте предложени законски измени поврзани со спроведувањето на договорот со „Бехтел и Енка“, односно со изградбата на коридорите 8 и 10-д.
Употребата на европското знаменце во овие закони, велат опозициските пратеници во дописот до Европскиот парламент, не е оправдана и нема никаква допирна точка со присвојувањето на законодавството на Унијата.
Европското знаменце на овие закони пред два дена се обиде да го оправда вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ, нагласувајќи дека Владата, од политички аспект, има основа да стави европско знаменце на петте закони поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10-д за да успее да ги изгради овие автопати и да ја комплетира трансевропската мрежа на коридори во Северна Македонија.
Тој додаде дека знаат оти овие закони не се усогласени со некои европски акти, но посочи дека Коридорот 8 треба да биде впишан во трансевропската мрежа на коридори на 16 мај.
Договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“, кој е избран за стратегиски партнер за реализација на проектот за изградбата на автопатите на дел од коридорите 8 и 10-д, беше потпишан во Владата на 8 март.
Што точно е напишано во договорот и на какви услови се обврзале Владата, од една, и конзорциумот, од друга страна, јавноста не можеше да добие на увид затоа што договорот е класифициран со степен – доверливо.