Употребата на европското знаменце во овие закони, велат опозициските пратеници во дописот до Европскиот парламент, не е оправдана и нема никаква допирна точка со присвојувањето на законодавството на Унијата
Пратеници од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во име на опозициски членови на собраниската Комисија за надворешни работи, доставиле писмо до Европскиот парламент во кое ја обвинуваат власта оти го злоупотребува европското знаменце кое се најде на петте предложени законски измени поврзани со спроведувањето на договорот со „Бехтел и Енка“, односно со изградбата на коридорите 8 и 10-д.
Употребата на европското знаменце во овие закони, велат опозициските пратеници во дописот до Европскиот парламент, не е оправдана и нема никаква допирна точка со присвојувањето на законодавството на Унијата.
„Употребата на знамето на ЕУ на предлог-законите поврзани со договорот со ‘Бехтел и Енка’ има за цел да ја скрати парламентарната расправа. Ваквото однесување се состои и во непочитување на мандатот на пратениците, но и дерогирање на угледот на ЕУ во македонското општество“,
се вели во писмото што опозициските членови на Комисијата за надворешна политика во македонското Собрание го испратиле до Европскиот парламент.


Пратениците, сепак, изразуваат и поддршка за реакцијата на Делегацијата на ЕУ во Скопје во врска со злоупотребата на процедурата за знамето на ЕУ од страна на Владата.
Во дописот, опозициските пратеници наведуваат дека потпишувањето на договорот со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ без јавна понуда создал веродостојни сомнежи за високо ниво на корупција кај некои членови од власта. Дополнително, се додава дека, иако пратениците од опозициските партии повеќепати побарале увид во договорот, тој, сепак, и натаму останува таен.
„Нетранспарентниот договор и постапките на Владата се загрижувачки бидејќи не се во согласност со обврските на земјата од Спогодбата за стабилизација за асоцијација на ЕУ (Наслов VI), во однос на транспарентноста на јавните договори, како и спречување, ограничување или нарушување на конкуренцијата, како и државната помош која фаворизира одредени претпријатија“,
се додава во писмото.
Се наведува дека дописот се доставува и до претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, известувачот за Северна Македонија во Европскиот парламент, Илхан Ќучук и амбасадорот на ЕУ во земјава, Дејвид Гир.
На писмото се потпишани 27 члена на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ во Собранието: Антонијо Милошоски, кој е и претседател на Комисијата за надворешна политика, Љупчо Пренџов, Рашела Мизрахи, Марија Петрушевска, Љупчо Димовски, Ели Панова, Драган Ковачки, Даниела Христова, Жаклина Пешевска, Тони Јаревски, Велика Стојкова-Серафимовска, Дејанчо Ефтимов, Зоранчо Јованчев, Бране Петрушевски, Силвана Ангелевска, Миле Лефков, Ане Лашкоска, Златко Пенков, Бети Стаменковска-Трајкоска, Бојан Стојаноски, Здравко Трајанов, Дафина Стојановска, Петар Ристески, Иван Стоилковиќ, Иванка Василевска, Александар Велјановски и Олга Лозановска.
Потегот на опозициските пратеници претходно денеска го најави и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, кој најави оти партијата во допис до Европската комисија, но и до сите амбасади на земји членки на ЕУ во земјава, ќе ја наведе злоупотребата на европското знаменце кое се најде на петте законски измени поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10-д кои се во собраниска процедура.
„Наше е да ги предупредиме. Ние како ВМРО-ДПМНЕ не можеме да се бориме против цела Европа и Европска комисија, не можеме да се бориме против криминалната власт и политичарите коишто се дел од оваа коалиција на СДСМ и ДУИ, но треба да направиме сè што е во наша моќ за да укажеме на јасното кршење на законите, Уставот и процедурите во Македонија и со јасни факти да посочиме на криминалниот карактер на овој тендер којшто има за цел да отпочне со изработка на делови од коридорите 8 и 10-д“,
изјави претходно денеска опозицискиот лидер.