Владата денеска донесе Уредба со законска сила според која вонредните и ополномоштени амбасадори и генерални конзули во април и мај ќе земаат плата пониска за 20 проценти како дел од мерките за справивање со кризата со коронавирусот.
Оваа уредба, како што соопштија од Владата е дополнување на Уредбата за определување на висината на платата на избраните, именуваните и назначените лица во јавниот сектор за време на вонредна состојба, чии одредби се однесуваат и на вонредните и ополномоштени амбасадори и генералните конзули, кои остваруваат право на плата согласно Законот за надворешни работи.
Владата на крајот на минатиот месец донесе сет мерки за спас на економијата поради кризата со коронавирусот кои меѓу другото предвидуваат кратење на платите на сите функционери на ниво на минималец. Членовите на управни и надзорни одбори, како и членовите на советите на општините, пак, ќе треба да се откажат од надоместоците. Не е предвидено кратење на платите на вработените во јавниот сектор, ниту на именуваните лица во јавното здравство.