Кризната состојба никој ниту ја злоупотребува ниту, пак, ја употребува за девијантни појави, а надлежните институции може да ги проверат сите постапки, вели директорот на ЕСМ
Ковачевски вели дека побарувачката на електрична енергија може драстично да се зголеми затоа што сè уште трае грејната сезона и таа завршува на 30 април. „Сè дотогаш треба да бидеме максимално подготвени за побарување и испорака на електрична енергија“
Зголеменото производство на струја се должи на зголемената побарувачка од страна на „ЕВН хоум“ поради ниските температури, но исто така и зголемените потреби за електрична енергија од останатите субјекти со кои имаме склучено договор. Кризната состојба со електричната и со топлинската енергија ќе трае сè додека е во важност одлуката што е донесена од Собранието, рече директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски, на новинарско прашање зошто и покрај зголеменото производство на струја што го објавува ЕСМ, сè уште трае кризната состојба со електричната енергија.
Кризната состојба, потенцира Ковачевски, никој ниту ја злоупотребува ниту, пак, ја употребува за девијантни појави, а надлежните институции може да ги проверат сите постапки.
Тој нагласи дека во овој период ЕСМ се труди да ги задоволи сите потреби за потрошувачите.
„Се трудиме во овој период со нашиот ангажман да ги задоволиме сите потреби, да го намалиме купувањето, односно увозот на електрична енергија на минимална основа, а исто така да ги намалиме и трошоците. Побарувачката сега во моментот може и драстично да се зголеми, сè уште сме во грејна сезона и таа завршува на 30 април. Сè дотогаш треба да бидеме максимално подготвени за побарување и испорака на електрична енергија“,
рече Ковачевски.
Според министерот за економија Крешник Бектеши, целта на кризната состојба е Владата да има директни механизми за да може да влијае во енергетските компании, главно во делот на ликвидноста и во креирањето одредени мерки.
„Без кризна состојба не можевме да го задолжиме „ЕСМ продажба“ да продава електрична енергија по цена пониска од берзанската за одредени индустрии и за основните и средните училишта“,
додаде Бектеши.
Ковачевски рече дека од почетокот на оваа година ЕСМ има произведено над 720 000 мегават-часови електрична енергија што е, споредено со истиот период минатата година, за 40 отсто повеќе.
„Согласно планот, пак за производство за оваа година, овој период го исполнуваме со 102,5 отсто. Ако продолжиме со ваквото производство, се надевам дека ќе го оствариме планот кој предвидува во 2023 година да има зголемување за цели 20 отсто во однос на претходната година“,
додаде тој.
Директорот на ЕСМ потврди и дека изминатиот викенд имало повлекување на електрична енергија од Европската енергетска асоцијација.
„ЕСМ во неделата повлече 820 мегават-часови електрична енергија за потребите на „ЕВН хоум“ кој ги снабдува домаќинствата, но во истиот тој период, заради стабилност на системот, се испорачаа дополнителни 1 025 мегават-часови струја за да не крахира или да не се намали снабдувањето. Тоа значи дека ЕСМ тој ден остави во системот повеќе од 200 мегават-часови електрична енергија. Не можам да кажам кој друг повлекол струја. Тоа ќе го кажат од МЕПСО во законскиот рок“,
рече Ковачевски.