По денешниот состанок на општинскиот кризен штаб на Куманово, донесена е одлука да се бара отворање на нови пунктови за тестирање со цел да се тестираат поголем број на граѓани, соопшти општина Куманово. Оттаму велат дека пациентите се жалат на пасивност на дел од матичните лекари и амбуланти и бараат Министерството за здравство да го ревидира нивното работење.
„Се препорачува на сите матични лекари и здравствени установи на територија на Општина Куманово, да ги почитуваат препораките од Министерство за здравство во однос на борбата за справување со вирусот ковид-19 и воедно бараме од Министерството за здравство да изврши контрола на работењето на матичните лекари поради голем број поплаки коишто доаѓаат од страна на пациенти за пасивност на одредени матични лекари и амбуланти, како и заради намалување на непотребни пријави до Центарот за јавно здравје“,
пишува во соопштението.
Општинскиот штаб и понатаму стои на ставот дека е потребен целосен карантин на територија на општина Куманово.
Од 25 март Владата донесе одлука за укинување на градскиот и меѓуградскиот патнички и железничкиот јавен превоз во Куманово, откако во овој регион беше регистриран еден смртен случај и новозаболени од ковид-19. Владата им препорача на компаниите со големи производствени и продажни капацитети во оваа општина да го приспособат своето работење со редуциран број вработени или целосно да ги затворат.
*поврзана вест: (ВИДЕО) Во Куманово недостигаат инфектолози, во Општата болница ја чекаат владината помош