Инспекторите наместо на менувачниците кои работеле без лиценца да им изречат забрана за работа и глоба во висина од 1 000 до 20 000 евра, тие на секој од сопствениците им изрекле еднократна парична глоба во износ од 80 евра и ги оставиле и понатаму редовно да работат
Шестмина пазарни инспектори од Скопје добиле кривична пријава за злоупотреба на службената положба и овластување, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Инспекторите С.Б. (32), Ј.Р. (54), В.М. (47), Б.С. (46), С.С. (61) и Р.Б. (37), во текот на март и април минатата година, на менувачници лоцирани во близина на Бит-пазар, а кои немале лиценци за работа, наместо да им изречат забрана за работа и глоба во висина од 1 000 до 20 000 евра, тие на секој од сопствениците им изрекле еднократна парична глоба во износ од 80 евра и ги оставиле и понатаму менувачниците редовно да работат.
„Инспекторите на затекнатите лица во дивите менувачници биле должни да им изречат решение за забрана за вршење на дејност, да им ги запечатат објектите, да им ги одземат предметите, опремата и средствата со кои е направен прекршокот, како и да им изречат глоба во износ од 1000 до 20.000 евра во денарска противвредност“,
се наведува во соопштението од МВР.
Но, пријавените пазарни инспектори, додаваат од МВР, ги прекршиле сите одредби од Законот за за забрана и спречување на вршење нерегистрирана дејност и во три извршени вонредни инспекциски надзори на затекнатите лица во сите три објекти како менувачници не им изрекле ниту една од овие забрани.
„Ниту им издале решение за забрана за вршење на нерегистрирана дејност, ниту им ги запечатиле просториите каде што ја вршеле противзаконската активност, ниту им ги одзеле средствата, предметите и опремата со кои е направен прекршокот, а не им изрекле ниту глоба во износ од 1 000 до 20 000 евра“,
се наведува во соопштението.
Напротив, додаваат од МВР, во сите три извршени вонредни надзори на сите три менувачници на секој од сопствениците им изрекле еднократна парична глоба во износ од 80 евра во денарска противвредност и ги оставиле и понатаму менувачниците редовно да работат, со што постапиле спротивно на Zаконот за забрана и спречување на вршење нерегистрирана дејност и со неизвршување на својата службена должност го сториле кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластување.