Од Царина објаснуваат дека докторот ја организирал нарачката и ги нарачал вијалите од компанија во Република Кореја и со нив договорил лажна фактура од 80 долари. Второосомничената, медицинската сестра, се согласила пратката да пристигне на нејзино име и домашна адреса, а воедно ја платила лажната фактура од сопствената трансакциска сметка

Царинската управа поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје против доктор и медицинска сестра вработени на Универзитетскиот клинички центар „Мајка Тереза“. Тие се осомничени за кривичните дела криумчарење и царинска измама откако се обиделе нелегално да внесат во земјава 199 вијали со ботокс. Според фотографиите што ги објави Царина, се работи за ботокс од брендот „соториор“.
Вкупната вредност на запленетиот ботокс, кој се користи во естетската медицина, изнесува околу 615 илјади денари или 10 илјади евра. Осомничените преку поштенска пратка ја декларирале како козметички примероци во вредност од 80 долари.
Случајот бил откриен од страна на царинските службеници во испоставата „Скопје 1“ при детален преглед на поштенска пратка пријавена за увоз. Наместо приложената фактура во која биле наведени само 10 козметички примероци, инспекторите во кутијата пронашле стотици непријавени вијали со ботокс.
Одделението за истраги при Царината веднаш отворило предистражни дејствија, а по налог на јавен обвинител, извршени биле и претреси на три локации.
Од Царина објаснуваат дека докторот ја организирал нарачката и ги нарачал вијалите од компанија во Република Кореја и со нив договорил лажна фактура од 80 долари. Второосомничената, медицинската сестра, се согласила пратката да пристигне на нејзино име и домашна адреса, а воедно ја платила лажната фактура од сопствената трансакциска сметка.
„Увозот на ботокс е строго регулиран и за него се потребни посебни дозволи од надлежните институции. Секој нелегален увоз на вакви препарати претставува директна опасност по здравјето на граѓаните“,
велат од Царина.
Од Царинската управа упатија апел до сите учесници во увозните постапки, нагласувајќи дека секој обид за криминал и измама ќе биде најстрого санкциониран.
Од институцијата порачуваат дека продолжуваат со примена на политиката за нулта толеранција кон сите што работат спротивно на законите.
Ова е втор случај годинава со нелегално внесени лекови и медицински помагала во земјава. Претходно во април годинава беа приведени доктори од болницата „8 Септември“ и од Клиниката за дерматологија, како и сопственици на приватни дерматолошки ординации и лица кои организирале транспорт и дистрибуција.
По поднесена кривична пријава, ОЈО ГОКК покрена истрага против 19 физички и шест правни лица осомничени за вклученост во извршување на кривичните дела злосторничко здружување, повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма и примање поткуп.
На шестмина од осомничените во рамките на истрагата за нелегално внесени лекови и медицински помагала во земјава Основниот кривичен суд им определи ефективен притвор, а четворица ќе бидат во куќен притвор. Од Кривичен информираа дека за девет лица се определени мерки на претпазливост.
