При претресите, од МВР велат дека биле пронајдени и одземени четири возила, разновидна службена документација, околу 32 500 евра и разни документи, купопродажни договори, пет германски регистарски таблички, околу 25 грама кокаин, лаптоп-компјутери, повеќе мемориски уреди и други предмети поврзани со кривичните дела

Против 12 македонски државјани и еден странец поднесена е кривична пријава поради криумчарење луксузни возила како и фалсификување исправи и злоупотреба на службена положба, информираат од Министерството за внатрешни работи (МВР).
Од МВР велат дека во текот на вчерашниот ден, врз основа на воспоставена криминалистичка контрола, а по издадени наредби од страна на судија за претходна постапка и јавен обвинител заради докажување на кривични дела поврзани со криминал со луксузни моторни возила, извршени биле 10 претреси кај 10 лица. Седум од претресите биле во Скопје, еден во Дојран, еден во Неготино и еден во Битола. При претресите биле лишени од слобода шест лица – К.С., Н.П., М.С. и Д.И. од Скопје, В.Ц. од Стар Дојран и Н.Г. од Битола. За И.А., Д.М. и Ф.С. од Скопје и А.Т. од Неготино се преземаат мерки и активности за пронаоѓање.
При претресите, од МВР велат дека биле пронајдени и одземени четири возила, разновидна службена документација, околу 32 500 евра и разни документи, купопродажни договори, пет германски регистарски таблички, околу 25 грама кокаин, лаптоп-компјутери, повеќе мемориски уреди и други предмети поврзани со кривичните дела.
„МВР, според претходно одземени пет патнички моторни возила и собрани материјални докази, ќе поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство против 13 лица, од кои двајца се поранешни вработени во МВР, а еден е сè уште вработен во МВР, каде што во текот на ноќта и утрото лицата се изведени пред судија на претходна постапка“,
се вели во соопштението од МВР.
Како што вчера информираа од Обвинителството, надлежниот јавен обвинител од судијата на претходна постапка обезбедил наредби за претрес на повеќе локации во Скопје и други градови и оти меѓу осомничените има и службени лица и еден странски државјанин.
Основното јавно обвинителство Скопје соопшти дека се обезбедени докази и ќе поведе постапка против десет лица кои се осомничени дека учествувале во криумчарење, фалсификување исправи и службени исправи, како и прикривање стоки што се предмет на криумчарење и царинска измама.