Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека лицето е пренесено во Психијатриската болница во Демир Хисар
Кумановската полиција поднесе кривична пријава против 56-годишниот П. Ц. од Куманово, татко на младата Меланија, која пред неколку дена преку социјалните мрежи побара институционална помош во врска со семејното насилство со кое таа и нејзиното семејство биле соочени подолг временски период.

Според наводите на МВР, пријавениот, против кого е поднесена кривична пријава за кривичното дело загрозување на сигурноста, подолг временски период под дејство на алкохол, вршел психичко и физичко насилство врз членовите на своето семејство.
„На 11.07.2026 година тој психички ја малтретирал својата сопруга и се обидел физички да ја нападне“,
наведуваат од МВР.
Од Министерството потврдија дека лицето е пренесено во Психијатриската болница во Демир Хисар.
Видеообраќањето на девојката од Куманово, која преку социјалните мрежи побара спас од семејното насилство предизвикано од нејзиниот душевно болен татко и зависник од алкохол, запали аларм за (не)капацитетот на системот на институциите кои треба да постапат во таквите случаи.
