Прашањето го отвори случајот од Куманово, каде млада жена упати очаен повик за помош бидејќи институциите ја одбивале или не ѝ одговарале на повиците за итно сместување на нејзиниот агресивен татко, инаку човек со дијагностицирани растројства и алкохоличар
Тој проблем се реши многу бргу откако приказната ја презедоа медиумите. „360 степени“, сега, се обиде да провери колкав е всушност капацитетот на психијатриските болници

Видеообраќањето на девојката од Куманово, која побара спас од семејното насилство предизвикано од нејзиниот душевно болен татко и зависник од алкохол, запали аларм за (не)капацитетот на системот на институции кои треба да постапат во таквите случаи.
Болницата во Демир Хисар, каде што по судски налог конечно е сместен таткото, во моментов е речиси преполна, велат оттаму за „360 степени“. Болницата „Бардовци“, пак, со месеци не прима итни случаи поради реновирање. Регионалните болници главно нудат само „отворен тип“ лекување, што значи дека акутните случаи ги упатуваат на други места.
Прашавме и во другите болници, колкав капацитет имаат во ургентните одделенија и колку од нив им се пополнети.
Мора да се најде место за секој пациент, велат од „Демир Хисар“
Одговорот што го добивме токму од болницата во Демир Хисар, каде што е сместено лицето од Куманово по јавните апели на неговата ќерка, е дека капацитетот на сите одделенија во болницата е 312 легла. Од нив, во моментов, пополнети се 300.
Директорката Сузана Џамбазовска, во изјава за „360 степени“, вели дека кај нив има повеќе оддели – за акутни, хронични, судски и за случаи на алкохоличари.
„На одделите има различен број легла. Има едни каде што има 40 легла, но и такви со 24 кревети“,
вели Џамбазовска.
Она што таа го нагласи е дека кај нив мора да се најде место за секој пациент со психичко расројство и оти никој не може да биде вратен.
„Место мора да се најде, не може да го вратиш пациентот, ќе направиш место. Нека дојдат пациентите, психијатар ќе ги прегледа и ќе го смести доколку е потребно. Оние што се со полиција донесени мора веднаш да бидат сместени. Доколку на едно одделение нема место, тогаш се преместуваат пациенти и се бара решение“,
додава таа.
„Бардовци“ се реновира
Во проценти, болницата во Демир Хисар е пополнета 96%. Тоа значи дека е на работ на капацитетот.
Во другата најголема, Психијатриската болница „Скопје“, што се наоѓа во скопско Бардовци, во моментов не може да се сместат пациенти во ургентното одделение бидејќи тоа се реновира.
Директорот Хиса Авдулаи вели дека реконструкцијата е почната во мај и се очекува да трае до крајот на следниот месец.
„Ургентното одделение е затворено од мај и сите пациенти што беа таму се распоредени на други одделенија“,
вели Авдулаи.
Одделенијата во Битола и во Тетово се од отворен тип
Упативме прашање и до Клиничките болници кои не се во Скопје. Од Клиничката болница во Битола ни рекоа дека нивното одделение за психијатрија е од отворен тип.
„На одделението има 14 кревети, но тоа е од отворен тип. Ако има потреба, со судски налог, тогаш пациентите ги праќаме во психијатриската болница во Демир Хисар“,
вели директорката Ненси Лозанче.
И во клиничката болница во Тетово, одделението за психијатрија е од отворен тип и кај нив се сместуваат пациенти кои се со полесна состојба и хронични.
„На одделението за психијатрија имаме две соби кои се со девет кревети. Дополнително, имаме уште една соба со две легла што се за итни случаи. Инаку, кај нас се сместуваат пациенти што се со неврози, анксиозност, депресија и што се хронични. Акутните случаи ги праќаме во болниците во Демир Хисар и пред да почне реновирањето во Бардовци“,
вели началникот на одделението Далибор Смилевски.
Не успеавме да стапиме во контакст со некого од Клиничката болница во Штип.
Универзитетската клиника за психијатрија нема за цел чување пациенти со судски решенија
Девојката од Куманово, во својот јавен апел, сведочеше дека во Демир Хисар не можела да ги добие на телефон, а од Бардовци дека немаат место. Таа не спомена дека во случајот треба да се постапува по судски налог, а не ги спомена ниту другите две болници во Скопје – Универзитетската клиника за психијатрија или ГОБ „8 септември“.
Сепак, се обративме и таму. Од Универзитетската клиника за психијатрија во образложението до „360 степени“ велат дека клиниката има за цел лекување на пациенти со акутно психичко растројство или специфични и деликатни пациенти во однос на дијагностицирањето или третманот.
„Покрај тоа, самото име ви кажува дека клиниката како највисока терциерна установа има за цел и едукација на студенти и специјализанти“,
вели директорката Славица Арсова.
Таа додава дека третманот на клиниката на затворено одделение трае од две до четири седмици и продолжува во дневноболнички услови или амбулантско-кабинетски.
„Клиниката нема за цел чување на пациенти со судски решенија кои се пациенти со хроничен тип и веќе дијагностицирани и лекувани и имаат судско решение“,
додава таа.
Во однос на капацитетот на клиниката, Арсова вели дека имаат три оддели од затворен тип со вкупно 45 легла, од кои еден е наменет за третман на деца и адолесценти.
Одговор од ГОБ „8 Септември“ не добивме, но од она што може да се види на нивната веб-страница е дека на одделението за психијатрија се врши психодијагностичка проценка, психотерапија односно површинска супортивна психотерапија, психотерапија на поведението, групна психотерапија, комбинирана терапија, работна или окупациона терапија, семејна психотерапија. Исто така, наведено е дека се врши и психодијагностичка проценка за способност, психоедукација, медикаментозна терапија, советување.
Од сите собрани ставови, заклучокот е дека системот е на работ на капацитетот, особено кога станува збор за акутни пациенти со дијагностицирани растројства, испратени во болница со судски налог.
