Четириесет и четиригодишниот Л.П. од Радовиш заработи кривична пријава бидејќи дозволил организирање матурска забава за време на епидемија предизвикана од ковид-19.
„Надворешната канцеларија за криминалистички работи Радовиш поднесе кривична пријава против лице од Радовиш и Л.П.(44) од Радовиш, сопственик и управител во фирмата, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело непостапување според здравствените прописи за време на епидемија“,
соопшти Министерството за внатрешни работи.
На 6 септември полициски службеници извршиле контрола во угостителскиот објект на фирмата и констатирале дека на летната тераса била организирана матурска прослава, спротивно од член 12 од Протоколот за отворање и работа на угостителски објекти за исхрана.