Бројот на пациенти позитивни на новиот коронавирус кои се лекуваат во болнички услови се зголемува. Според последната статистика на Министерството за здравство, вкупно 425 лица се лекуваат во ковид-центрите во земјава.
Во болницата во Козле хоспитализирани се три деца и три мајки позитивни на ковид-19, а дополнително хоспитализирани се пет деца и пет мајки кои се суспектни на вирусот.
На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се осум нови пациенти, а вкупно се хоспитализирани 84 пациенти. На кислородна поддршка се 49 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација.
Во ГОБ „8 Септември“ примени се нови пет пациенти, а вкупно хоспитализирани се 42 пациенти. На респираторна машина се петмина пациенти.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 21, а во болницата во Штип се 50 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга се хоспитализирани 212, позитивни и сомнителни на ковид-19.
Досега во нашата земја од почетокот на епидемијата дијагностицирани со ковид се 20 163, оздравени се 16 009, починати 781, а во моментов бројот на активни случаи во земјата изнесува 3 373.