Според доставените докази произлегува дека во конкретниот случај осомничените презеле одредени дејствија кои дополнително треба да се истражуваат, но не во контекст на наведеното кривично дело за кои според ОЈО постои основано сомненевање, велат од Судот. Па, со цел да се доразјаснат и утврдат сите правно релевантни факти во конкретниот настан, како што велат, судијата на претходна постапка определи мерки на обебзедување присуство од поблаг вид
Основниот кривичен суд Скопје постапува врз основа на приложените докази од ОЈО Скопје и МВР, како и по сопствено убедување на судиите, велат од Судот во однос на низата реакции за случајот со упадот во Македонската навигација и одлуката на судиите на претходна постапка да не изречат пртивор за осомничените.
„Неспорно е дека настан од кривичноправен аспект постоел, па затоа со цел да се овозможи непречено водење на кривичната постапка, односно истрага од страна на надлежен обвинител, судот смета дека е неопходно да се обезбеди присуство на осомничените лица. Но, потребно е да се знае дека во наредбата за истрага за конкретниот настан опфатени се 8 лица, а до овој момент доставен е предлог за определување мерки за обезбедување присуство, како и докази за нивна инволвираност, само за четворица“,
се наведува во реакцијата.
Според објаснувањето од Судот, од преземените дејствија од страна на осомничените, а во склоп и на доставените докази во прилог на предлогот, во овој момент не произлегува дека осомничените во целост ги исполниле условите предвидени во кривичното дело, односно дека со нивните дејствија можеле да предизвикаат тешка повреда, смрт или уништување или оштетување на уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај.
„Од страна на ОЈО Скопје не се доставени докази – медицинска документација за наводно предизвиканите повреди, нема записник за примање на кривична пријава од оштетениот. Истиот не е сослушан пред ОЈО Скопје, ниту пак се доставени докази дали навистина е настаната тешка повреда и од каков вид е истата. Понатаму не е наведен начинот како преземените дејствија предизвикале или можеле да предизвикаат уништување или оштетување уреди, објекти или воздухоплов, кој не е во сообраќај, а е лоциран на аеродром за меѓународен воздушен сообраќај“,
велат од Судот.
Од Судот се повикуваат и на изјавата на директорот на Агенцијата за цивилно воздухопловство, Томислав Тунтев, потенцирајќи дека според вонредниот инспекциски надзор утврдено е дека не постои никакво нарушување или загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај, а исто така не постои никаков пријавен настан или сериозен инцидент во врска со одвивањето на безбедноста на воздушниот сообраќај.
„Самиот предлог на јавниот обвинител воопшто не води во правец на посоченото кривично дело. Меѓутоа, според доставените докази произлегува дека во конкретниот случај осомничените презеле одредени дејствија кои дополнително треба да се истражуваат, но не во контектст на наведеното кривично дело за кои според ОЈО постои основано сомненевање. Па, заради тоа, сѐ со цел да се доразјаснат и утврдат сите правно релевантни факти во конкретниот настан кој се случил на 4.1.2024 година, судијата на претходна постапка определи мерки на обебзедување присуство од поблаг вид“,
посочуваат од Кривичниот суд.
Судија на претходна постапка од Кривичниот суд на 5 јануари годинава им определи мерки за претпазливост на четири лица, меѓу кои и Беким Незири, поранешен министер, советник на директорот на М-НАВ и претседател на огранок на ДУИ, осомничени за загрозување на безбедноста на воздушниот сообраќај.
Со мерките предвидена е забрана за напуштање на живеалиштето односно престојувалиштето, обврска за нивно јавување на определено службено лице во судот, одземање на патната исправа односно забрана за нејзино издавање и забрана за комуникација со оштетениот, како и меѓусебна комуникација, но не и притвор како што бараше Обвинителството.
Од Обвинителството најавија жалба за која дополнително ќе одлучува Кривичниот совет, кој може да ја потврди или преиначи одлуката на судиите на претходна постапка.