Како што соопштија доцна вечерва од Кривичен, притворот на осомничените им е определен поради опасност од бегство и околности кои укажуваат дека можат да ги сокријат трагите од кривичното дело или да ја попречат кривичната постапка со влијание врз сведоци, вештаци, соучесници или прикривачи, односно врз основа на член 165 став 1, точка 1 и точка 2 од Законот за кривична постапка (ЗКП)
Скопскиот основен кривичен суд го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) и им одреди триесетдневен притвор на поранешниот директор на Царинската управа Стефан Богоев и на уште три лица осомничени за повеќе кривични дека во врска со местење тендерска постапка во Царината.

Како што соопштија доцна вечерва од Кривичен, притворот на осомничените им е определен поради опасност од бегство и околности кои укажуваат дека можат да ги сокријат трагите од кривичното дело или да ја попречат кривичната постапка со влијание врз сведоци, вештаци, соучесници или прикривачи, односно врз основа на член 165, став 1, точка 1 и точка 2 од Законот за кривична постапка (ЗКП).
„Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, постапувајќи по предлог на ОЈО ГОКК за определување мерка против четири лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривични дела злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, примање награда за противзаконито влијание и давање награда за противзаконито влијание, а кои попладнево беа спроведени во судот, по нивно произнесување во присуство на бранител, донесе решенија со кои: предлогот за определување мерки притвор против С.Б., Д.Г., А.С. и С.М. се прифаќа и на сите им се определува мерка притвор во траење од 30 дена. Мерката е определена заради постоење на основите од член 165 став 1 точка 1 и точка 2 од ЗКП“,
се вели во соопштението од Основниот кривичен суд Скопје.
Оттаму додаваат дека против решенијата на судијата претходна постапка, странките имаат право на жалба пред Кривичниот совет на Судот.
Ексдиректорот на Царинската управа Стефан Богоев и другите тројца осомничени денеска попладне беа спроведени во Кривичниот суд, откако вчера беше објавено дека се приведени во рамки на истрага за коруптивни дејствија. Распитот на четворицата осомничени траеше неколку часа.
Во очекување на одлуката на Судот, одговарајќи на новинарски прашања пред зградата на судот, обвинителката на ОЈО ГОКК, Искра Хаџивасилева рече дека предлагаат најстрога мерка за обезбедување присуство оти сметаат дека досегашните сомневања, квалитетот на доказите и вкупните околности се во насока дека таквата мерка во оваа рана фаза од истрагата е оправдана и пропорционална.
Обвинителката се осврна и на однесувањето на одбраната на осомничените, за кое рече дека било проактивно и дека од имало размислувања да понудат гаранции, што таа го оцени како значајно за Обвинителството, бидејќи, како што кажа, станува збор за случај на финансиски криминал.

На прашањето дали е можно истрагата да се прошири и на други лица, таа изјави дека она што е основано сомневање во моментов се однесува на овие лица и истрагата го добива тој тек, но сепак, како што додаде, во истрагите за предметите што ги води Обвинителството за организиран криминал и корупција никогаш не се знае.
Поранешниот директор на Царинската управа и ексградоначалник на скопската општина Карпош, Стефан Богоев, уште три лица се осомничени дека наместиле тендер во Царината вреден околу 300 000 евра, а Богоев се товари и дека примил парична награда од 1 800 евра.
Како што информираат претходно денеска од Обвинителството, постои основано сомнение дека периодот од јули 2023 до март 2024 година осомничените ја изиграле постапката за доделување договор за јавна набавка за ангажирање фирма за надворешно одржување хигиена на терминали на гранични премини. Тие, според ОЈО ГОКК, фаворизирале одреден економски оператор и со ограничување на конкуренцијата ѝ овозможиле на фирмата да се стекне со противправна имотна корист во износ од 18 479 692 денари. Истрагата е отворена по поднесена кривична пријава од Управата за финансиска полиција и во неа покрај Богоев, опфатени се поранешен помошник-директор на Царината, управител на фирма и вработен во неа.
Според Обвинителството досега обезбедените докази укажуваат дека првосоомечениот Богоев ја искористил својата службена положба и како директор на Царинската управа во наведениот период влијаел врз спроведувањето на тендерот во корист на избраниот понудувач, додека второосомничениот како помошник-директор на Царината, влијаел врз други економски оператори да не учествуваат во завршната фаза од тендерската постапка.
