Володимир Зеленски, говорејќи преку видеоврска на самитот на Г20, ја отфрли можноста за трет „Мински договор“
Изјавата на украинскиот претседател дека нема да има договор „Минск 3“ за запирање на борбите во Украина, покажува дека Киев не е заинтересиран за мировни преговори со Москва, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, пренесе РИА новости.
Володимир Зеленски, говорејќи преку видеоврска на самитот на Г20, ја отфрли можноста за трет „Мински договор“, алудирајќи на два неуспешни договори за прекин на огнот меѓу Киев и Москва за статусот на регионот Донбас.
„Нема да дозволиме Русија да чека, да ги зајакне своите сили и потоа да започне нова серија на терор и глобална дестабилизација. Нема да има ‘Минск 3’ што Русија веднаш би го прекршила“,
рече Зеленски.
На прашањето дали оваа изјава потврдува дека Киев не е подготвен да преговара со Русија, Песков одговори:
„Апсолутно“.
Германија и Франција посредуваа за два договори од Минск, потпишани во 2014 и 2015 година, за прекин на огнот во источна Украина меѓу Киев и проруските сепаратисти. Двете страни меѓусебно се обвинија за прекршување на тие договори.