Од УЈП апелираат да не се оди лично туку барањата за издавање уверенија да се поднесуваат електронски преку е-Даноци
Откако вчера Развојната банка најави бескаматни кредити за мали и средни претпријатија, утрово пред Управата за јавни приходи (УЈП) се создаде метеж бидејќи од фирмите тргнаа да вадат уверенија кои им се потребни за да ги добијат кредитите.
За да се одбегне метеж во екот на пандемијата со коронавирус, од УЈП најавија дека ќе го продолжат работното време за прием на странки во регионалните дирекции, одделенија и шалтери. Од утре тие ќе работат од 8 до 14 часот.
„Причина за оваа одлука на Управата во услови кога во земјата е прогласена вонредна состојба поради коронавирусот ковид-19, е да им се излезе во пресрет на сите оние обврзници што се најпогодени од последиците од коронавирусот и на кои им е потребно уверение за платени даноци и придонеси, што ќе им послужи пред Развојната банка на Северна Македонија“,
велат од УЈП.
Но, исто така, апелираат да не се оди лично туку барањата за издавање уверенија да се поднесуваат електронски преку е-Даноци.
Од Управата брифираат дека поголем број лица имало претежно во Скопје, но и дека не станувало збор за голема бројка туку дека утрово дошло до таква ситуација бидејќи, поради кризата со коронавирусот, шалтерите работат со скратено време, а дел од вработените ги користат мерките на Владата за отсуство од работа.
Покрај продолжувањето на работното време, оттаму посочуваат и оти ќе се доекипираат со вработени кои ќе дојдат од други оддели за да помогнат да се издадат уверенијата.
Кредитите за кои се потребни уверенијата од УЈП вчера ги презентираше директорот на Развојната банка, Кире Наумов. Тие се наменети за микро, мали и средни претпријатија.
„Засега ќе ги кредитираме претпријатијата во најпогодените дејности, како угостителството, туризмот и товарниот транспорт. Отплатата на кредитите ќе биде во период од 24 месеци, со грејс-период од шест месеци и со нула проценти камата“,
рече Наумов.
Висината на кредитот, како што објасни, ќе зависи од бројот на вработени во одредено претпријатие. Најмалата сума што може да се подигне е три илјади евра. Претпријатијата до 10 вработени ќе може да аплицираат за кредит до пет илјади евра, до 50 вработени – 15 илјади евра, додека за фирми со над 250 вработени може да се одобрат најмногу 30 илјади евра.
Аплицирањето ќе биде исклучиво по електронски пат, без хипотека и само со меница.