Крајно десничарската Алтернатива за Германија (АфД) бара одговори од владата во Берлин, зошто германската амбасада во Скопје финансирала театарска претстава за правата на ЛГБТИ популацијата, објави „Дојче веле“
Темата доби на тежина откако таблоидот Билд ја пренесе информацијата, а пратеници и поддржувачи на АфД масовно ја споделија на Х (поранешен Твитер), скандализирани поради содржината на претставата.
Се работи за театарската претстава „Ангели во Америка“ која беше изведена во Македонскиот народен театар во Скопје во 2025 година со делумно финансирање од германската амбасада.
Претставата во режија на Филип Петковски е адаптација на делото на Тони Кушнер- инспирирано од настани од неговиот приватен живот- кое го раскажува животот на ликови од квир заедницата во Њујорк во 1980 години. Кушнер стекна светска слава со насловот, а претставата долги години беше прикажувана на сцените ширум целиот свет. Во 2003 година беше снимена и филмска мини-серија во која главните улоги ги толкуваат Ал Пачино и Мерил Стрип.
Но, според АфД, финансирањето на вакви настани не се вклопува во најавеното напуштање на идеолошки мотивирани политики преку германската развојна помош.
Во пратеничко прашање поднесено до Бундестагот, од АфД во тоа гледаат проблем:
„(…) така, Германската амбасада во Скопје (Северна Македонија) во 2025 година поддржа квир театарска претстава од САД, насочена против Републиканската партија, ‘во која станува збор за човек што умира од СИДА и има пророчки визии од ангел, опишан како суштество со ‘осум вагини”. Оваа театарска претстава, ‘Ангели во Америка’, во 2024 година беше финансирана од администрацијата на Бајден. Во 2025 година, со стапувањето на должност на новата администрација на Трамп, германската сојузна влада ги презеде трошоците за изведбите во Северна Македонија.“
Фактите, сепак, говорат поинаква приказна. Имено, според информации на ДВ, претставата во Северна Македонија воопшто не била финансирана со пари од развојниот фонд на Германија, туку од ткн. мал фонд за култура и наука на амбасадата, и тоа во вкупен износ од 2.000 евра во соработка со Министерството за култура.
Притоа, од претставата отсуствувало и „суштеството со осум вагини“. Имено во Скопје бил обработен само првиот дел од претставата во кој пророчките визии од ангелот воопшто не се тематизираат.
Сепак тоа не го спречилo таблоидот Билд да ја афирмира приказната на АфД, со акцент токму на „осумте вагини“ и развојната помош.
„Дојче веле“ анализира дека во позадина на целата приказна се крие најавата на германскиот канцелар Фридрих Мерц, пред доаѓањето на власт, дека ќе стави крај на финансирањето на проекти кои се поврзуваат со левичарската идеологија.
Целиот текст може да го прочитате овде.
