Смртноста од ковид на светско ниво изнесува 4 отсто, или досега битката ја изгубиле 908 054 лица
Бројот на заразени со коронавирус од почетокот на пандемијата досега во светот е 28 030 286 лица, според статистиката на „Ворлдометерс“, која се базира на податоците од СЗО.
Од нив 20 106 613 оздравеле (96 проценти), додека 908 054 лица починале, што е 4 проценти од вкупната бројка.
Активни случаи се 7 015 619, од кои 6 955 090 лица (или 99 отсто) се со лесни симптоми, додека 60 529 (или 1 отсто) се во сериозна или критична состојба.
На листата на земји со најмногу заразени и починати се САД со 6 549 475 заразени и 195 239 починати, Индија со 4 465 863 заразени и 75 091 починати и Бразил со 4 199 332 заразени и 128 653 починати.
Подолу на листата е Русија со нешто повеќе од 1 милион заразени и над 18 000 починати.
Најголем дневен пораст на заразени од 4 647 лица има Мексико, каде што има и најголем број починати во еден ден – 611 лица.
Од Европа, на листата на „Ворлдометерс“, највисоко е Шпанија со 543 379 заразени и 29 628 починати.
Во Азија по Индија, земја со најмногу заразени е Иран – 393 325 и 22 669 починати.
Јужна Африка на африканскиот континент е со над 640 000 заразени и 15 000 починати, по што следува Египет со 100 403 заразени.
Австралија и Океанија го стабилизираат порастот на заразени што беше карактеристичен за изминатиот месец, поради што беа воведени строги рестрикции.
Австралија во 24 часа пријавила 48 нови случаи на заразени, со што вкупниот број е 26 513 заразени и 788 починати, од кои 7 се нови случаи.
Нов Зеланд има 1 792 заразени, од кои 4 се нови случаи и досега 24 починати како последица на ковид-19.