Индија стана втората земја во светот која е најтешко погодена од коронавирусот, откако го надмина Бразил.
Во изминатото деноноќие, во оваа земја, со популација од една милијарда и 300 милиони жители, се регистрирани 90 802 новозаразени, со што вкупниот број на заразени од почетокот на пандемијата достигна 4 204 613 лица.
Ова е втор неславен рекорд затоа што порастот од три до 4 милиони заразени во Индија е за само 13 дена, за разлика од Бразил каде што за тоа биле потребни 25 дена, а во САД 16 дена.
Со вака висока бројка на новозаразени во едно деноноќие, Индија стана земја со највисока стапка на заразени со коронавирус во светот.
Нешто помалку од една четвртина од случаите се активни, а стапката на заздравување е 77 отсто.
Над еден милион тестирања дневно
Во земјата дневно се спроведуваат над милион тестирања, што според властите е една од причините за откривањето на вака голем број случаи на заразени. Но, загриженоста на индиските власти е тоа што големиот број заразени се во малите места, во руралниот дел на земјата.
Податоците за состојбата со ковид-19 се од индиското Министерство за здравство, каде што здравствениот систем се смета за прилично слаб, со лоша инфраструктура. Со децении сите влади досега вложувале само 1 отсто од БДП во јавниот здравствен систем.
Поради тоа, две третини од популацијата се лекува приватно, што е скапо и доколку се работи за сериозна болест лекувањето чини колку целата заштеда на некои семејства.
Најпогодени од лошиот здравствен систем се сиромашните.
Голем проблем во земјата е и тоа што дури 80 проценти од населението работи во неформалниот сектор. Овие лица најчесто одбиваат да се тестираат бидејќи стравуваат дека ако добијат позитивен тест ќе мора да минат 14 дена карантин, а со тоа и да ја изгубат работата.
Индија со месеци ги имаше најстрогите мерки на рестрикција, но со враќање на животот во нормална бројот на заразени нагло порасна.
Мината недела бројот за починати се искачи на 1 000 лица дневно. И покрај тоа, Индија ја има најниската стапка на смртност во светот од 1,7 отсто, или нешто над 70 000 лица досега починале како последица на ковид-19.
Засега светските здравствени власти немаат одговор на што се должи ниската стапка на смртност, имајќи ја предвид стапката на зараза во оваа земја. Едно од објаснувањата е дека можеби тоа е резултат на големиот проценти млада популација, чиј имунолошки систем е поотпорен на ковид, како и исклучително топлото време.
Премиерот Нарендра Моди во говор во чест на националниот празник Денот на независноста пред две недели соопшти дека во земјата се тестираат три вакцини.