Денешните 364 случаи на ковид-19 за само 24 часа се апсолутен рекорд од почетокот на епидемијата со коронавирусот во Македонија. Сега веќе стариот рекорд беше постигнат вчера, кога имаше 317 нови случаи, што говори за тренд на зголемување на бројот на случаите, а не за случајност.
Но, што значат бројките споредено со земјите кои во моментов бележат голем раст на бројот на случаи? Според пресметките што ги направи „360 степени“, 364 случаи за еден ден во Македонија се приближно исто што се 50 341 случаи регистрирани во последното деноноќие во САД.
Или, како што покажува графиконот подолу, во земјава во последните 24 часа има приближно 170 нови случаи на еден милион жители. Во САД, според интернет-страницата на Универзитетот „Џонс Хопкинс“, во последните 24 часа се регистрирани вкупно 50 341 случај или 150 случаи на милион жители. Подобри од Македонија во последните 24 часа се и земји како Бразил и Русија, каде што и покрај растот на заразата дневниот број на нови случаи е помал. Од друга страна, Македонија стои подобро од дел од западноевропските земји кои во моментов се на „удар“. Велика Британија во последните 24 часа бележи 210 нови случаи на милион жители, а Франција 260.

Бројот на новозаразени со ковид-19 не расте само во Македонија и во другите споменати земји. Според „Џонс Хопкинс“, во последните 24 часа низ светот се регистрирани 352 илјади новозаболени или во просек 40 луѓе на еден милион жители. Графичкиот приказ јасно го покажува растечкиот тренд на бројот на новозаболени на дневно ниво.

Поврзани вести:
Се полнат болниците за ковид-19: Нема место во Прилеп, Струмица, Велес…