Во моментов целосно се полни инфективните одделенија во Прилеп, Куманово, Струмица и Велес. Пациентите од овие места ќе се препраќаат во другите градови
Вкупно 414 пациенти потврдени или сомнителни на ковид-19 во моментов се хоспитализирани на инфективните одделенија во земјава, што е најголем број досега од крајот на јули, изјави министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.
Филипче информираше дека во моментов целосно се полни инфективните одделенија во Прилеп, Куманово, Струмица и Велес. Пациентите од овие места ќе се препраќаат во другите градови.
„Спремна е болницата во Кочани и Кавадарци. Новото крило во струмичката болница и во други одделенија во тетовската болница, освен во инфективниот оддел. Во Скопје има 20 празни места на Инфективната клиника и 72 во монтажната болница. Првично ќе сместуваме пациенти во Инфективната клиника и монтажната болница, со цел болницата ‘8 Септември’ да може да продолжи со нормална работа и во другите оддели за други болести“,
рече Филипче .
Министерот верува дека системот на ротација на лекарите ќе функционира и ќе може да се одговори на наплив на болни од ковид-19.
Вели дека има место за сместување на пациенти и во другите оддели на болниците, но тоа, како што рече, ќе влијае на лекувањето на пациенти со други заболувања.