За првпат од почетокот на епидемијата со ковид-19 во земјава, државните статистики покажуваат стабилизиран тренд кај процентот на позитивни од тестираните.
Во последниве седум дена тој процент се движи меѓу најниски 3,4% позитивни од тестираните (21 април) до највисоки 6,4% позитивни (24 април).

Како што покажува графиконот погоре, стапката на позитивни од тестираните досега варираше со големи амплитуди. Од почетокот на април, во три наврати таа надмина 15%, а еден ден достигна речиси 20%. Од друга страна, имаше и денови кога стапката на позитивни беше многу ниска, како на 8 април, кога изнесуваше 5,4%.
Дека стапката на позитивни од тестираните се намалува е особено видливо ако податоците се разгледуваат на неделно ниво. Во последните седум дена тој процент е просечни 5,5%. Претходните две недели тој процент беше речиси двојно повисок.

Дел од причината за се помалиот број позитивни тестови може да се должи на се поголемиот број оздравени лица, чии тестови се негативни.
Но, дури и ако се исклучат оздравените, бројките покажуваат јасен тренд на намалување на бројот на новозаразени. Тоа може делумно да се види ако се земе дневниот број на новооткриени случаи на ковид-19 од почетокот на месецов.

Сликата е многу појасна ако бројките се сублимираат на неделно ниво, за последните три недели наназад, почнувајќи од денеска.
