Бројот на новозаразени од ковид-19 на дневно ниво полека почна да се доблишува до четирицифрена бројка. А таков биланс во минатото земјава имаше само во периодите кога заразата земаше замав или беше на врвот. Новата состојба ќе се дисктуира на состанок на Комисијата за заразни болести која ќе одржи состанок напладне.

„Комисијата за заразни болести ќе се состане во 12 часот и на состанокот ќе се дискутира за епидемиолошката состојба и препораките кои ќе бидат донесени, во форма на препораки или заклучоци и ќе бидат споделени веднаш по состанокот,
изјави вчера за МИА д-р Злате Мехмедовиќ, портпарол на Комисијата.
Само вчера, бројот на новозаразени беше 792 лица. Тоа што дополнително загрижува што тој број на случаи се откриени по направени 1 774 тестови, што значи дека речиси секој втор направен тест бил позитивен. Тоа е уште еден знак дека епидемијата повторно зема замав бидејќи во мирните периоди, процентот на позитивни тестови вообичаено не е повисок од 10%.
Речиси половина од новозаразените се во Скопје. Бројот на активни случаи во моментов е релативно низок, 3 595, но се зголемува брзо.
Комисијата за заразни болести на последната седница не донесе дополнителни рестриктивни мерки.
Остануваат да важат мерките за задолжително носење заштитна маска во јавниот превоз, здравствените установи, аптеките и установите за згрижување на возрасни лица и лица со попреченост.
Од Комисијата апелираат до граѓаните да внимаваат на сопственото здравје, да избегнуваат посети во затворени и непроветрени простории, освен кога тоа е неодложно. Во такви случаи се препорачува носење заштитна маска и одржување дистанца.
Министерството за здравство минатата недела препорача носење маски во затворени простории при подолг престој и редовно проветрување.
„При престојување во затворена просторија подолго време да се носат маски, а лицата од ризичните категории маска минимум ФПП2 или Н95 или ФФП3. Просториите во кои се престојува подолго (канцеларии, занимални во градинки, сали за состаноци и слично), како и спортски објекти, редовно да се провертуваат и да се дезинфицираат. Да се избегнува непотребно собирање во големи групи и секогаш кога може да се одржува растојание од два метра“,
соопшти Министерството