Израелските власти одобрија употреба на трета доза вакцина против коронавирус за сите граѓани што примиле две дози
Кај нас, за трета доза сега се зборува само за лицата што се во специфична здравствена состојба, како оние со трансплантации или на хронична дијализа, додека другите ќе чекаат шест месеци од вакцинирањето со втората доза
Како би изгледала вакцинацијата со трета доза, ви пренесуваме план и искуства од Велика Британија
Израелските власти одобрија употреба на трета доза вакцина против коронавирус за сите граѓани што примиле две дози.
Од синоќа, секој што ја примил втората доза пред пет месеци, има можност да се вакцинира со трета доза. Во претходните недели само одредени возрасни категории граѓани можеа да ја примат третата доза од вакцината. Израелците што не ја примаат третата доза нема да се сметаат за вакцинирани ако поминале повеќе од шест месеци откако ја примиле втората доза.
Целта е да се спречи ширењето на заразата бидејќи, според израелските власти, болниците се преоптоварени, а бројот на пациенти во нив е „многу вознемирувачки“ – 1 175 пациенти, од кои 726 се во тешка состојба, а 149 се на респиратор. Бројот на пациенти во сериозна состојба е најголем од март, а на оние на респиратор од почетокот на април.
Израел важи за земја која прилично брзо и во голем опфат ја спроведе вакцинацијата против ковид и сега е меѓу првите што воведува трета, како задолжителна доза.
Кај нас, за трета доза засега се зборува само за лицата што се во специфична здравствена состојба, како оние со трансплантации или на хронична дијализа, додека другите ќе чекаат шест месеци од вакцинирањето со втората доза.
За тоа како би изгледала вакцинацијата со трета доза, ви пренесуваме план и искуства од Велика Британија.
Засега во игра е „Фајзер“
Експертите се согласни дека сегашните вакцини против ковид даваат добра заштита од тешки заболувања најмалку шест месеци, а има и докази за подолготрајна заштита. Но, бидејќи секој пораст на случаи ќе значи и притисок врз здравствениот систем, британските власти сметаат дека примањето на т.н. засилувач (трета доза) за заштита во пресрет на зимата е неопходно.
Како изгледа еден таков план? Кога ќе се даваат вакви засилувачи?
Британската влада објави дека планира првите групи да примат ваква вакцина помеѓу 6 септември и 17 декември – период од 15 недели.
Засега се нарачани дополнителни 60 милиони дози „Фајзер“, но сѐ уште не е познато дали тоа ќе биде единствената достапна вакцина.
Вакцинација и против грип и против ковид
Заедничкиот комитет за вакцинација и имунизација препорача вакцините против грип да се даваат истовремено со засилувачите против ковид за да се постигне максималниот ефект од двете вакцини и да се олесни постапката. Прашањето е сега кој прв би ги добил?
Лицата што претходно беа во првата приоритетна група и ги добија првата и втората доза, повторно ќе бидат први на ред.
Овој пат ќе има две фази во кои ќе бидат поделени приоритетните групи пред да дојдат на ред лицата под 50 години.
Помладите, пак, ќе бидат на ред подоцна, бидејќи повеќето ќе ја добијат втората доза во текот на летото.
Фаза 1
Трета доза вакцина и годишна вакцина против грип што е можно поскоро од септември, според британскиот план треба да ја добијат следниве категории:
• Лица на возраст од 16 години и повеќе кои се имунокомпромитирани
• Луѓе што живеат во домови за нега на повозрасни лица
• Сите на возраст од 70 години и повеќе
• Лица на 16 години и повеќе кои се со хронични болести
• Здравствени и социјални работници од прва линија
Фаза 2
Следните што треба да примат засилувач што е можно поскоро по Фазата 1 се:
• Сите на возраст од 50 години и повеќе
• Сите од 16 до 49 години кои се во ризична група
• Возрасни во семејства со имунокомпромитирани лица
Мешање и комбинации
Дали третата доза ќе биде различна вакцина од првата и втората, сѐ уште се одлучува, бидејќи министрите чекаат дополнителни резултати од испитувањето „COV-Boost“.
Но, резултатите од друго клиничко испитување минатиот месец покажаа дека мешањето и комбинирањето дози од една или две различни вакцини може да го подобри имунолошкиот одговор, особено за оние што се вакцинирани со „Астра Зенека“.
Резултатите од голем број клинички испитувања се очекуваат во текот на летото, така што плановите ќе треба да се „приспособат како што новите информации ќе стануваат достапни“.