Ќе има нов бран во европскиот регион ако не останеме дисциплинирани, рече Ханс Клуге на брифингот
ЕМА потврди дека мешањето вакцини за двете дози е исто така ефикасно за намалување на ризикот и заштита против сите соеви на ковид-19
Светската здравствена организација (СЗО) предупреди дека е неизбежен нов бран на инфекции од коронавирусот во Европа, каде што високозаразната делта-варијанта предизвика раст на нови случаи во земји како Русија, која најави засилување на кампањата за вакцинација со цел да спречи бран на смртни случаи и инфекции.
Ханс Клуге, шеф на СЗО во Европа, на денешниот брифинг со новинарите рече дека по 10-неделниот пад на новоинфицирани низ цела Европа, бројките на заразени повторно растат.
„Бројот на нови случаи минатата недела се зголеми за 10 проценти, во услови на зголемено мешање, патувања, собири и олеснувања на социјалните ограничувања. Ова се случува во контекст на една ситуација која брзо се развива. Новата делта-варијанта предизвикува загриженост и во регионот каде и покрај огромните напори на земјите членки, милиони луѓе остануваат невакцинирани“,
рече тој и предупреди:
„Ќе има нов бран во европскиот регион ако не останеме дисциплинирани“.
Кетрин Смолвуд, висока службеничка за итни случаи во СЗО за Европа, исто така предупреди дека градовите-домаќини на фудбалските натпревари на ЕУРО2020 треба подобро да го следат движењето на гледачите, вклучително пред да пристигнат и откако ќе ги напуштат стадионите.
„Треба да погледнеме многу подалеку од самите стадиони“,
рече Смолвуд на прашање за препораките во услови на зголемен број случаи во Лондон и Санкт Петербург кои треба да бидат домаќини на четврт-финалните натпревари за време на викендот.
Русија на 1 јули објави 672 смртни случаи од корона вирус во текот на изминатите 24 часа, што е високо ниво трет ден по ред.
Две дози што побрзо
Во меѓувреме, Европската агенција за лекови (ЕМА) смета дека две дози од вакцините одобрени во ЕУ се ефикасни против делта-сојот и препорачува да се комплетира вакцинацијата на најранливите лица што побрзо, јави МИА од Брисел.
Марко Кавалери од ЕМА порача дека агенцијата е свесна дека новата мутација на вирусот, позната како делта, брзо се шири во Европа и дека во овој момент вакцинацијата се чини единствен начин да се спречи нов смртоносен бран како претходните.
„Се чини во овој момент дека целосна вакцинација со вакцина одобрена во ЕУ заштитува против сите соеви на вирусот, вклучително и делта сојот, докази од реалниот свет покажуваат дека две дози заштитуваат од делта сојот, а во лабораторија се покажува дека антителата исто така го неутрализираат“,
изјави Кавалери.
Тој побара од властите во земјите на ЕУ да продолжат со мерки за заштита на јавното здравје со посебен фокус на најстарите и најранливите категории граѓани за да се спречи дополнително ширење на вирусот подоцна во текот на оваа година.
ЕМА потврди дека мешањето на вакцини за двете дози е исто така ефикасно за намалување на ризикот и заштита против сите соеви на ковид-19.